Возачот од Капиштец побегнал од државата со татко му по сообраќајната несреќа на улицата „Народен фронт“ во Скопје, во која беше прегазена и подоцна почина 79-годишна скопјанка. Полицијата соопшти дека по несреќата се поднесени кривични пријави против четири лица, а две лица се приведени поради сомнение дека помогнале во бегството.
Според МВР, несреќата се случила околу 11:30 часот, кога патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удрило во Љ.Ј. (79), по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Со помош на системот „Безбеден град“, камери од околни објекти и изјави на сведоци, било утврдено дека возилото е во сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а го управувал неговиот син.
Возилото било пронајдено пред домот на сопственикот, каде што бил затекнат С.С. (69), кој бил приведен и со него бил извршен службен разговор. МВР наведува дека е утврдено оти возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45) ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден, со помош на Ш.П. (45) и А.Ј. (53) од Скопје. Двајцата се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава за „помагање на сторител во извршено кривично дело“.
Против возачот е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, а за него и за таткото е распишана потерница. Полицијата информира дека се пронајдени и одземени двете возила – „пасатот“ со кој била удрена жената и „мерцедесот“ со кој, според наводите, двојката ја напуштила државата – и дека е известен јавен обвинител за понатамошна постапка.