Попладнево на автопатската делница Охрид–Кичево ќе се спроведува тестирање на камерите за сообраќаен надзор, како дел од проектот „Безбеден град“, со што полицијата најавува привремени ограничувања и можни краткотрајни задржувања на две локации по трасата. Од СВР Охрид апелираат возачите да покажат разбирање и строго да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен.
Според најавата, активностите ќе се реализираат меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот меѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца. Тестирањето, калибрацијата и верификацијата на уредите е планирано да започне во 12 часот, а на секоја локација постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае приближно од 15 до 30 минути.
Во периодот додека траат активностите, возачите треба да очекуваат привремени ограничувања на сообраќајот, внимателно движење низ зоната каде има службени лица и техничка опрема, како и потреба да се намали брзината и да се одржува поголемо растојание. Полицијата потсетува дека ваквите проверки се дел од подготовките за поефикасен автоматски надзор на сообраќајот, а целта е да се зголеми безбедноста на патиштата и да се намалат ризиците од тешки сообраќајни несреќи.