Вработен во Народна банка задржан по сомнеж дека го уништил пиштолот од двојното убиство на Вања и Панче

Зоран Д., вработен во Народна банка, и натаму се наоѓа во полициска станица откако вчера беше приведен под сомнение дека го презел и уништил ранецот во кој бил скриен пиштолот со кој беа ликвидирани 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Обвинителството најави дека детали од неговото прво сослушување ќе објави во текот на денот.

Приведувањето следи по сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, кој на последното рочиште јавно го посочи токму Зоран Д. како човекот што наводно го отстранил и уништил доказниот материјал. Манев веќе трипати тврдеше пред судот дека знае кој го сокрил оружјето, но досега не беше спроведен на формален распит, што покрена прашања за динамиката на истрагата.

Јавноста со месеци бара одговори како е можно да не се лоцира пиштолот, а најновите случувања дополнително го подгреваат интересот околу контроверзниот случај на двојно убиство што ја потресе земјата. Обвинителството истакна дека работи интензивно на расветлување на сите околности и најави дека ќе ги испита и тврдењата за пропусти во досегашната постапка.

Зачлени се на нашиот е-билтен