Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците треба да чекаат законски измени за да добијат плати

Не може да се исплатат платите на Инспекторатот за употреба на јазиците пред да биде донесен Законот за организација и работа на органите на државната управа. Затоа и бевме на таа средба пред два дена. Законот ќе биде пред пратениците, со што согласно измените во Законот познат во јавноста како ЗОРОДУ, Инспекторатот ќе биде дел од Министерството за правда, во овој прв чекор, за да можеме да ги исплатиме платите кои што во минатото најчесно си ги заработиле вработените во Инспекторатот, изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски по свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика.

За таа цел, премиерот посочи дека било испратено писмо до него и до претседателот на законодавниот дом и според неговите информации, денеска или утре, директорот заедно со соработниците ќе разговара со пратеничките групи. Неговите очекувања се, вели, дека сите пратенички групи ќе го поддржат Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), за да може, како што рече, веднаш да се исплатат заостанатите плати.

– За таа цел, испратено е писмо до мене и до претседателот на Парламентот, информиран сум дека во најскоро време денеска или утре, директорот заедно со соработниците ќе разговара со пратеничките групи и сите пратенички групи очекувам да го поддржиме овој Закон, во прв чекор да влезе таму, а потоа во втор чекор, повторно една измена на Закон да може да влезе во Агенцијата, затоа што тоа е суштината. Агенцијата е таа која што ги креира политиките, а Инспекторатот е тој што контролира дали политиките се спроведуваат или не, но за тоа треба неколку месеци. За да не чекаме, за да не се случи тоа, ние велиме сега да влезе тука веднаш да се исплатат заостанатите плати, луѓето чесно си ги заработиле, е сега за понатаму ќе треба неколку месеци да влезе во рамките на Агенцијата и како таков орган да функционира, рече Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање за тоа што ќе се случи со Законот, доколку се земат предвид најавите од страна на Демократската унија за интеграција дека нема да ги гласа измените, Мицкоски вели: „ако ДУИ не ги гласа, тогаш покажува дека е апсолутно е конзистентен на своите лицемерни политики, односно дека сака луѓето кои што се во Инспекторатот за примена и употреба на албанскиот јазик без плата и понатаму“.

На прашањето дали се водат разговори за проширување на парламентарното мнозинство рече „тоа е друга тема и прашање во овој момент немам ништо што да кажам, од она што во јавноста сум го кажал претходно“.

Зачлени се на нашиот е-билтен