Во НУ Завод и музеј – Прилеп вечерва од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Врбјанска Чука: зрно по зрно, погача“, во организација на Завод и музеј – Прилеп и Центарот за истражување на предисторијата.
Изложбата е плод на десетгодишната соработка меѓу двете институции во проучување на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија.
– На посетителите ќе им бидат претставени најновите резултати од мултидисциплинарните истражувања на македонски и европски институции, кои овозможија сосема ново видување на значењето на овој локалитет за македонската и светската археологија. Паралелно, ќе бидат изложени и уникатните артефакти откриени на Врбјанска Чука, прикажувајќи ги научните, уметничките, стопанските и техничките достигнувања на едни од првите земјоделци во Македонија – соопштија организаторите.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам како дел од проектот „70 години НУ Завод и музеј – Прилеп“.
 
				 
				 
															