Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Георги Господинов: Времето во кое живееме денес е битка за минатото како алиби и минатото како ресурс

На собирот „Дебата за Европа“, одржан од 24 до 26 февруари 2023 во Софија, чија тема беше годишнината од руската воена агресија врз Украина, учествуваа десетина европски интелектуалци. Во текот на овој месец на Јутјуб ќе бидат достапни видео материјалите од сите панел-дискусии кои беа водени на овој собир.

Рацин.мк во две продолженија го пренесува завршниот говор на Георги Господинов, водечки бугарски книжевник и критички настроен интелектуалец.

Ќе започнам со нешто лично. Првата работа на која помислив утрото на 24 февруари 2022 година, кога ја чув веста за рускиот напад, беше дека Путин започна војна против сите нас (против Европа) и дека сме доволно блиску, во дометот на еден нуклеарен напад, а мојата ќерка спие во соседната соба.

Секоја војна е машина на времето и заедно со тоа и кочење во времето. Одеднаш, минатото се врати. Се присетив на сите совети за постапување во случај на нуклеарен напад со кои ни ги полнеа главите на училиште. Ниту еден од нив не беше од корист. Ниту имав гас маска, која би требало да ја ставам за 17 декунди, ниту знаев каде е најблиската скривница. (Подоцна се испостави дека дека скривниците одамна се неупотребливи). А советите да стоиш подалеку од прозорците за да не те исече стаклото во случај на експлозија, или да не гледаш директно во нуклеарната печурка за да го сочуваш видот, звучеа доста банално.

Згора на тоа, ниту правецот не беше истиот: порано очекувавме напад од запад, а сега од исток, директно од нашиот некогашен постар брат. Човек се збунува и на која страна да се фрли. Помислив на сето тоа, брзо погледнав низ куќата и одлучив дека купатилото, за почеток, е можно решение за скривница бидејќи нема прозорци. (Без претходен разговор, сопругата одеднаш ми предложи да го провериме подрумот и во него да однесеме шишиња со вода). Најтешката работа и натаму беше како сето тоа да го објаснам на ќерка ми.

Но тоа чувство беше како нагло враќање во минатото и нешто друго – крајот на секојдневието. Постои еден момент кога секојдневието станува историја, станува војна. Тајно се надевав дека нашата генерација ќе го избегне тоа. Можев јасно да си претставам како во некое украинско семејство децата наутро стануваа од кревет затоа што мораат да одат на училиште, нервозни се, сонливи, јадат леб намачкан со џем и одеднаш на телевизијата објавуваат војна. И сè се менува, се руши, како што за ден-два и зградите ќе почнат да се рушат и истите тие кујни во кои парченцата леб ќе останат недојадени.

Пред четири години напишав роман во кој чувството за недостаток од иднина стигнува до таму што секоја од европските држави сака да организира свој референдум за минатото. Досега референдумите се однесуваа на иднината, одредуваат како понатаму ќе се одвиваат нештата, но дојде моментот во кој хоризонтот се затвора и почнавме да гледаме наназад, во минатото.

Што би подразбирал тој референдум? Изборот на најсреќната деценија или година од 20. век од историјата на секоја држава. Недостатокот од иднина секогаш отвора големи наоѓалишта на носталгија за минатото. И, ете, дојде моментот минатото да го преплави континентот. Во која деценија од 20. век ќе изберат да се вратат државите како Германија, Франција, или, пак, оние од периферијата, како што се Бугарија и Романија?

Изборот кај едните е отежнат бидејќи постојат многу среќни опции, а кај другите затоа што немаат ниту една. Како и да е, Германија го бира самиот крај на осумдесеттите години, и еден вечен perpetuum mobile 1989. во кој ѕидот постојано паѓа. Италија влегува во шеесетите. А во Бугарија, се разбира, е малку покомлицирано. Како картата на Европа да преоѓа од територијална во временска, и различните држави се затвораат во нивното среќно минато. За многу кратко време.

Мислам дека овој модел или метафора, оваа силна противтежа наназад, може да се види и денеска. Кратко кажано, времето го заменило просторот. Светот е поделен, поголемиот дел од луѓето го посетиле, запознале, тесен е за нашите души, да го парафразираме поетот. Ни останува бескрајниот океан на времето, кој, всушност, е океан на минатото.

Самата идеја на носталгијата е сменета. Таа веќе не е копнеж по одредено место или родниот крај (nostos), како што вели етимологијата. Носталгијата сега веќе е копнеж по некое друго време. Времето го замени просторот и можеби би требало да користиме некој друг термин, каков што на пример е „хроносталгија“.

И во таа смисла нашите војни стануваат војни за минатото.

Кога романот се појави во јавноста, на едно литературно читање ме прашаа: добро, а кое време би го избрала Русија? Не бев сигурен, би сакал да верувам дека тоа е времето на Горбачов, времето на „Перестројката“. Одговорот го добивме на 24 февруари минатата година. Можеби и еден од одговорите најтежок за изговарање. Затоа што на тој невидлив референдум за минатото Русија ги избрала годините на Втората светска војна. Годините кога за последен пат изгледало дека легендата е на нејзината страна. Светот ја признавал, некое време дури можел да ги заборави суровостите на системот, Сталин, Гулаг, Гладомор. Последен пат кога си бил победник. (Нема врска што на другиот тас од вагата лежат убиени, сирачиња, вдовици; постојат земји и системи во кои личната несреќа не се смета).

Романот се завршува со сцената на величествената реконструкција на настаните, која го повторува точниот почеток на Втората светска војна. Случајниот истрел ја претвора реконструкцијата во почеток на Третата светска војна. Дури и времето во книгата требало да биде исто – 4:47 наутро. (Е, а Путиновата војна е објавена во 4:50.).

И така, времето во кое живееме денес е битка за минатото, за прерасподелба на минатото. Минатото како алиби и минатото како ресурс. За мојата генерација и за генерацијата на нашите родители такво алиби беше иднината, комунистичката иднина. Своевремено, тоа можело да ги оправда и објасни сите неволји на сегашноста. Денес, кога иднината е потрошена како сировина, популистите и националистите почнаа да го ветуваат минатото. Во кој контекст, разбирливо е зошто Путин избра да се врати таму, на почетокот на четириесеттите години од 20. век. Но, дали на некој континент можат да постојат различни времиња и временски енклави? Не. И не само затоа што среќата на еден народ не смее да се базира на несреќата на другиот. Туку затоа што минатото не е индивидуален проект. Не можеш сам да живееш во него.

Денешната несреќа и изолираност на Русија ја поттикнува да се врати во „среќните“ и славни времиња на Советскиот Сојуз.

Но, таму е веќе пусто и празно, нема никој од оние со кои си се борел, си бил ривал, кои си ги убивал и со кој си соработувал. Треба да измислиш непријател, да создадеш закана. Единствениот потег е да ја вовлечеш во тоа минато најпрво земјата најблиску до тебе, потоа следната, па Европа, а зошто да не и светот. Со таа војна Путин вели „ајде да се бориме на моја територија, извинете, во мое време, во четириесеттите години од 20. век“. Како Камениот гостин во „Дон Жуан“, чија подадена рака не треба да се прифати за да не те одвлече во подземното царство. (Во текот на последните децении, многу европски земји, вклучително и Бугарија, не го сфатија тоа и често се ракуваа со таа рака.)

Сега Путин не сака да ја добие војната, туку да ја хронизира, да наметне живот во тој режим. Неговата методска цел е да ја бомбардира и да ја спржи сегашноста (и иднината) со сета нејзина инфраструктура и секојдневие – да нема вода, греење, светлина. За да го уништи битието, а со тоа и бивствувањето, тој буквално имаше намера да ја раз-бити украинската земја. Советска моќ плус електрификација – така Ленин го опишуваше рајот на комунизмот. Денес тоа Путин го парафразира на свој начин: ако не ја сакате советската моќ, останувате без електрификација. Фала му на Бога, луѓето во Украина покажаа дека можат без советската власт и електрификацијата.

Агресивниот проект на минатото, особено она необработено, заборавено или изменето, е плодна почва за популизам и национализам. Го видовме тоа кај Трамп, а сега истото, само помрачно, се случува преку Путин. Европа е континентот со најмногу залихи на минатото. И тоа со најдолго разработувано сеќавање. Културата со која се гордее континентот, во основа, е создавање на сеќавања, вклучувајќи го и сеќавањето на сопствените грешки, сеќавањето на нечесноста, што би рекол Борхес.

Од првите пештерски цртежи, преку Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“ или Хесиодовите „Дела и денови“ (да ја зачуваш и пренесеш историјата во хексаметар, лесен за паметење), преку Кортес, до сведоштвата за нацизмот и Втората светска војна. Меморијата и културата се дел од имунолошкиот систем на Европа. Тој треба да ги препознае и ослаби вирусите на колективно заслепените, губењето на разумот, лудостите на национализмот, раѓањето на нови диктатори.

Оваа војна избувна во време кога веќе ги нема носителите на живиот спомен на Втората светска војна. Ние сме токму на оној генерациски раб кога си заминуваат последните учесници кои го одржуваа жив тој спомен, последните логорски затвореници, последните од рововите. Се надевам дека не се упатуваме кон некоја необична колективна Алцхајмерова болест. Меморијата е направена од реактивна супстанција, која би требало да се вежба секој ден, постојано да се раскажуваат приказани за да се присетиме. Зашто кога кога пламенот на сеќавањето згаснува, ѕверовите од минатото не опкружуваат. Колку помалку спомени, толку повеќе минато. Се сеќаваме за да го задржиме минатото во минатото.

Но, тука сакам да отворам заграда. Прашањето веќе не е само за меморијата, туку за за тоа што паметиме. Бидејќи и Путин се колне во сеќавањето. Бидејќи и популизмот и национализмот создаваат своја верзија на меморијата. Новосоздадена, кој одговара на се, дводимензионална, како декор за реконструкција. Кажете ни каква меморија ви треба и ние ќе ви ја испорачаме.

Во Русија, така, не се работеше на сеќавањето за Втората светска војна како, на пример, во Германија. Болно, задира во сите слоеви на општеството, влегува во институциите, училиштата и учебниците по историја. На победниците не им се суди. И имаше за што да се расудува и да се суди. Отсуството на такво работење на сеќавањата – на одредено покајание за она што го направила руската армија врз цивилите од поразените земји, за командувањето кое често не ги штеди животите на сопствените војници, за паранојата што ги испраќа руски воени заробеници од Хитлеровите логори директно во Сибир и така натаму – продолжува да ја држи земјата во статус на голема жртва. Статус и алиби за нови принесување жртви, кои и се должи на Русија.

Една од посебно вознемирувачките работи овде и сега е бришењето на границите меѓу вистината и заменетата вистина. Обидот е да бидеме втерани во свет во кој ништо нема значење, каде што сè е дозволено, секоја лага може да се претстави како вистина, секоја теорија на заговор може да го надвладе разумот.

Тоа е замена која не само што едноставно го менува минатото, туку и ја одредува иднината. Поточно – се потпира на изменето минато за да ја оправда својата сегашна агресија и нечесност. Тука треба да дојде до анализа и дискусија. Оттука треба да се започне. Јазикот е веќе различен и треба да го земеме предвид и тоа. Приказната е веќе поинаква и таа не оди низ бројки, параграфи и проекти, туку директно низ човекот и неговите стравови, срам, збунетост и надеж.

(продолжува)

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), потоа „И сè стана месечина“ (Или-Или), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice…

Неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis…

Треба да знаете
Moже да ве интересира