Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, пристигнаа утрово во Охрид по што започна состанокот на високо ниво од дијалогот меѓу Белград и Приштина меѓу под покровителство на Европската Унија.
Состанокот, којшто го свика високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за Србија и Косово Мирослав Лајчак започна со одделни билатерални средби со лидерите на Србија и Косово, по што е предвидена и заедничка трилатерална средба.
Од она што официјално е најавено на средбите ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес. Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.
Според најавата за состанокот на крајот на средбата ќе има изјава за медиумите од страна на високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел.
Пред почетокот на дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ, премиерот Ковачевски, како домаќин во име на Владата на Северна Македонија, имаше средба со Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, а ќе одржи и тет-а-тет средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти. На трилатералниот состанок што денеска се одржува во Охрид синоќа му претходеше средбата на премиерот Ковачевски со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар и амбасадорката на САД во Северна македонија Ангела Агелер.