„Имаме доволно мерки што можеме да ги преземеме согласно законот“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во неделата за време на обраќањето од Палатата Србија. Сè уште не е јасно на кои мерки конкретно мисли, а, како што рече, вонредна состојба не била разгледувана. Со ваквиот одговор, се чини дека Вучиќ остава простор за потенцијална ескалација и можно воведување репресивни мерки.
Во неделата, претседателот се обрати до јавноста и, меѓу другото, говореше за моменталната состојба на улиците низ Србија. Притоа најави дека „во наредните денови“ ќе се видат „изненадувачки одлуки на државата“ во врска со протестите.
На прашањето дали се разгледува воведување вонредна состојба, тој рече дека тоа е последна мерка.
„Не сме разгледувале воведување вонредна состојба и воведувањето вонредна состојба е комплицирана процедура. Потребна е согласност на претседателот, претседателот на Владата, но мора да се оди и на седница на Народното собрание, затоа што вонредна состојба прогласува Народното собрание. Не сме го разгледувале тоа, тоа е член од Уставот. Имаме доволно мерки што можеме да ги преземаме согласно законот. Ова е крајна мерка, досега не сме ја разгледувале и не би сакал да ја разгледуваме“, рече Вучиќ.
Иако се обиде да ја смири јавноста тврдејќи дека вонредна состојба не се разгледува, пораката дека власта има „доволно мерки“ делува како сигнал дека режимот размислува за нови притисоци врз граѓаните. Имајќи предвид дека Вучиќ повеќепати користеше вонредни околности за зајакнување на власта, ваквите пораки може да се толкуваат како предупредување, но и како подготовка на терен за поостри полициски и репресивни акции.
„Скандалозни изјави на МВР“
Потпретседателот на Новиот полициски синдикален сојуз, Милан Думановиќ, за „Нова“ вели дека бара разрешување на директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, командантот на Полициската бригада Драгослав Репац и командантот на ЈЗО Марко Кричак.
„Мислам дека тоа е закана од празна пушка, бидејќи народот се разбуди низ цела Србија. Би му предложил тие мерки што ги спомнува да бидат такви што веднаш да биде разрешен Ивица Дачиќ од местото министер за внатрешни работи, да добијат отказ Драган Васиљевиќ, Драгослав Репац и Марко Кричак, а последните двајца да бидат процесуирани за тоа што го прават нивните единици на овие протести. Изјавите на МВР за студентката Николина, каде што демантираат што се случувало на протестите, конкретно во нејзиниот случај, се скандалозни… На крај се покажа дека сè било спротивно од тоа што рекоа. Доколку овие четири оставки се спроведат, мислам дека во народот би спласнале тензиите и државата би покажала дека си ја врши работата“, вели Думановиќ.
Тој додава дека е чудно што Репац се појавил на прес-конференција заедно со својот министер, бидејќи според хиерархијата на МВР не е меѓу повисоките функционери, а со своето присуство само покажал дека е лојалист на Српската напредна партија.
„Под тие мерки на репресија, мислам дека Вучиќ подразбира продолжување на дејствијата од страна на Вишото јавно обвинителство и овие две единици кои веќе се одметнати од законот за полиција — ЈЗО и Полициската бригада. Двете единици се целосно ставени под контрола на политичката партија…“
„Ставот на Дачиќ говори — ова е крај, не можам повеќе“
Адвокатот Владимир Терзиќ за „Нова“ говори за можноста за прогласување вонредна состојба.
„Александар Вучиќ, со помош на претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ и премиерот Мацута, веројатно повторно ќе ги злоупотреби овластувањата од член 200 од Уставот на Република Србија и ќе прогласи вонредна состојба без одлука на Собранието. Тоа го направи и во 2020 година, во време на пандемијата на ковид-19, кога наводно Собранието не можеше да се состане“, вели Терзиќ и додава:
„Тоа ќе биде ново, отворено кршење на Уставот, на кое веќе се навикнавме од овој режим, само што овојпат последиците ќе бидат подрастични. Мислам дека режимот подготвува остро ограничување на основните слободи — движење, протест, говор и слободно изнесување мислење — со цел да се задушат оправданите протести во Србија. Идејата е под вонредна состојба вонредно да се поддржи ‘Ќациленд’ како паравоена формација, која ќе има поголеми овластувања од полицијата, која преку боледувања и избегнување отворен судир полека откажува послушност на ненародниот режим, како, воосталом, и самиот министер за внатрешни работи, чиј физички став говори — ова е крај, не можам повеќе.“
Терзиќ објаснува дека дел од полицијата веќе е подготвен да отвори боледување, зашто никој не сака да се судри со мнозинството граѓани кои бараат избори.
„Репресијата на нелојалниот дел од полицијата, каде што раководат финансиски намирени лојалисти, ќе продолжи со теророт врз граѓаните на Србија — се очекува уште поголема репресија. Тие ќе имаат помош од ‘ќацилендистите’ од Пионирскиот парк и партиско-криминалната логистика од ‘Павиљон’. Останатиот дел од полицијата е веќе подготвен да ‘оди на боледување’, бидејќи никој не сака да ги злоставува и мачи граѓаните во име на малцинство склоно кон криминал и кому единствено му е целосно лојално. И полицајците се дел од општеството — мнозинството е за строга примена на законот, а не за злоупотреба на законот во корист на малцинство на власт“, заклучува Терзиќ.