Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека Белград не добил позитивна одлука од САД за продолжување на снабдувањето со нафта за рафинеријата на НИС во Панчево, но уверува дека и покрај тоа нема причина за паника кога станува збор за горивото на домашниот пазар.
„Очекувавме да добиеме лиценца за продолжување на снабдувањето со нафта на нашата рафинерија во Панчево, но не добивме позитивна одлука“, изјави Вучиќ, пренесе Н1. Тој додаде дека Србија веќе отворила нови канали за увоз на нафта и нафтени деривати и дека во моментов проблемот не е во количините, туку во логистиката.
„Немаме проблеми со горивото, отворивме нови канали за увоз. Она со што имаме проблем е логистиката“, рече претседателот и нагласи дека државата обезбедила доволно гориво и нафтени производи барем до крајот на јануари. Најави дека состаноците со надлежните институции ќе се одржуваат секојдневно, а јавноста ќе добива информации на секои два дена. „До 15 јануари сигурно ќе го завршиме целиот процес“, додаде Вучиќ.
Објаснувајќи ја ситуацијата со сопственоста и санкциите, Вучиќ рече дека Русија, како сопственик на компанијата, има право да одлучи дали и кому ќе продава, но призна дека Србија има сериозни проблеми поради тоа. Дополнително, хрватскиот оператор ЈАНАФ, според него, не дозволил увоз на нафта што била наменета не за рафинеријата, туку за државните стокови резерви на Србија, и покрај понудата Белград да прифати мониторинг за користењето на тие количини..
Претседателот предупреди и на ризикот од таканаречени секундарни санкции. Според него, секоја комерцијална банка што соработува со санкционирана компанија, како НИС, може да биде казнета во секое време, што директно би го погодило целиот финансиски систем на Србија. Дополнително, како што рече, и Народната банка може да се соочи со санкции доколку не издаде обврзувачка инструкција за прекин на соработката со компании под санкции – што би било „катастрофа за инвестицискиот рејтинг и за функционирањето на финансискиот систем“ во земјата.

