Додека во Блед, на Стратешкиот форум, европските лидери расправаа за европската улога во „перманентна криза“ и „runaway world“, српскиот претседател Александар Вучиќ отпатува на Далечниот Исток, каде што во Пекинг се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин и најави „нови инвестиции“ – вклучително и демонстрација на „летечки автомобили“ во Србија во декември 2026. Што иако е смешно, можеби е подобро од Македонија со оглед на тоа дека ниту Претседател ниту Премиер беше присутен на масата со европските тешкаши.
Одлуките и пораките од двата паралелни света на истата недела отворија старата дилема: дали Брисел и Вашингтон реално го дисциплинираат Белград или, напротив, му оставаат простор за маневрирање меѓу Исток и Запад.
Во Блед, претседателот на Европскиот совет Антониу Кошта ја отвори конференцијата со говор за европската безбедност, Украина и проширувањето, со порака дека ЕУ мора да биде „попросперитетна, похрабра и поавтономна“ и дека Западен Балкан е приоритет – но и дека усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика е услов без кој не се може. Форумот годинава беше врамен со наратив за „свет кој излегол од контрола“, што дополнително ја нагласи линијата на поделби со авторитарните модели на владеење.
Вучиќ, во отсуство на покана од Словенија, каде до лани беше чест гостин, ја избра Пекингшката сцена – во недела на грандиозена воена парада и дипломатски формат со присуство на Путин и Ким (иако по фотографиите кои ги објавија кинеските медиуми беше ставен последен во колоната).
Кремљ објави официјално соопштение за средбата Путин–Вучиќ, а агенциите забележаа дека Белград во континуитет балансира: пријателство со Москва и Пекинг, но формално „европски пат“. Само што токму на тој „пат“ од Белград до денес нема усогласување со санкциите против Русија, а стапката на усогласување со изјавите и одлуките на ЕУ во првата половина од 2024 изнесуваше 47% – најниска во регионот.
Во Пекинг, Вучиќ најави и дека „летечките автомобили“ ќе се прикажат во Србија на 1 декември 2026 и ќе се користат за EXPO 2027 Белград, по разговори со компании како XPeng AEROHT. Владините медиуми ја пренесоа изјавата како доказ за „модернизација“, додека дел од регионалните и домашните независни медиуми ја исмеаја како предизборен спектакл без реална техно-економска подлога. Контрадикторноста е очигледна: инвестиции во „воздухопловна мобилност“ на хартија, додека институциите дома се соочуваат со протести, корупциски скандали и слабости во владеењето на правото.
Прашањето „дали Западот го пушта Вучиќ низ вода“ нема едноставен одговор. Од една страна, Брисел продолжува со вклучување на Србија во европски механизми како SEPA и со претпристапни средства од Growth Plan – сигнал дека ЕУ сака да го држи Белград во орбитата преку економска интеграција и „условен ангажман“. Од друга, Европската комисија и Европскиот парламент во последните извештаи и резолуции повторно нотираа низок степен на усогласување со санкциите кон Русија и проблеми со владеењето на правото, медиумите и изборните практики – теми што го подриваат кредибилитетот на српскиот кандидатски статус.
Во исто време, уличниот притисок во Србија останува висок. Илјадници демонстранти деновиве бараат одговорност за трагедии и корупција, независни истраги и предвремени избори; Вучиќ возвраќа дека станува збор за „тероризам“ и „обид за дестабилизација“. Сликата на претседател кој паралелно позира со Си и Путин, ветува „летечки автомобили“ и дома се соочува со масовни протести, му дава аргумент на критичарот дека Белград ќе мора да одлучи каде припаѓа помеѓу два товара: европски пари и источни паради.
Западниот пристап кон Белград останува прагматичен (сега за сега) : притисок за усогласување со санкциите, реформи и дијалог со Косово – но без радикално „замрзнување“ на европските бенефити. Тоа го остава Вучиќ со доволно простор за симболичка геополитичка двојна игра: да ветува европска интеграција во Блед и „воздушни такси“ во Пекинг, додека реалните мерила – владеење на правото и усогласување со ЕУ-политиките – остануваат незавршена задача. Одговорот на дилемата, барем засега, е дека Западот не го „пушта низ вода“, туку го држи на краток, но еластичен поводник. А тие многу лесно се кинат.