Вучиќ пак буцка: Косовската војска посилна од македонската

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека, според „одредени американски индекси“, Косовските безбедносни сили се оценети како посилни од армиите на Македонија и Црна Гора. „Не го велам тоа јас, тоа е нивна гледна точка, не моја“, рече Вучиќ, во контекст на безбедносните тензии што Белград ги врзува со трипартитната соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово.

Темата ја отвори додека зборуваше за, како што ја нарече, „најголемата закана“ за Србија – регионалната воена координација Загреб–Тирана–Приштина, за која тврдеше дека носи политички притисок врз Белград. Во истиот настап излезе и со теза дека сојузот се гради како подготовка за „идни конфликти“ и за можни сценарија во кои Србија би била изложена на притисок од повеќе правци.

Според објавите од повеќе регионални медиуми, Вучиќ во изјавата се повикува на „американски индекс-листи“ за воена моќ – формулација која може да упатува на комерцијални рангирања што собираат податоци од јавни извори и прават споредби по сопствена методологија. Таквите листи често се користат во дневна политика како аргумент за „тренд“ или „перцепција“, но не се официјални процени на НАТО или на државни институции.

Една од најцитираните вакви листи е Global Firepower. Таму, за 2026 година, Северна Македонија е рангирана значително повисоко од Косово (подобра позиција значи поголема „моќ“ според нивниот индекс), што не кореспондира со тезата дека КБС „се посилни“ од македонската армија.

На терен, според јавно достапни податоци, КБС се структуирани како вооружена сила во развој со неколку илјади активни припадници, додека Армијата на Северна Македонија е поголема по бројност и како НАТО-членка влегува во циклус на модернизација со рекорден буџет за 2026 година, кој властите го врзуваат со капитални набавки и опрема.

Во позадина на целата расправа е и декларацијата за соработка во одбрана потпишана во Тирана на 18 март 2025 година меѓу Косово, Албанија и Хрватска – документ што, според објавените описи, става акцент на интероперабилност, обуки и справување со хибридни закани, и формално е „отворен“ и за други држави. Белград, пак, ја чита како геополитичка порака насочена против Србија.

Паралелно, безбедносната архитектура во Косово и натаму има силна меѓународна компонента: КФОР останува НАТО-мисија со неколку илјади распоредени војници, што е фактор кој ја прави секоја „споредба на армии“ политички натоварена и често поедноставена за јавна употреба.

Зачлени се на нашиот е-билтен