Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во 17 часот свикува итен состанок со енергетскиот тим поради сериозни проблеми предизвикани од американските санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС). Според најавите од Белград, темата е една – како да се избегне сценариото рафинеријата да запре со работа ако Србија не ја добие потребната лиценца од САД.
„Лиценцата ни е потребна исто колку и вчера. Ако не ја добиеме, рафинеријата ќе запре“, предупредил Вучиќ, додавајќи дека иако граѓаните можеби нема веднаш да почувствуваат проблеми на бензинските пумпи, последиците за државата би биле сериозни – од снабдување со деривати до стабилноста на целокупниот енергетски систем.
Ситуацијата е резултат на американските санкции и на фактот што НИС беше под силно руско влијание. Србија доби рок до 13 февруари да преговара за излез од руската сопственост врз компанијата, но исходот сè уште е неизвесен. Вучиќ најави дека Белград ќе испрати формална изјава до Вашингтон за случајот со НИС и изрази надеж дека „ќе има разбирање и партнерство“ од страна на американската администрација.
Претходно, на средбите со конгресмените Мајкл Тарнер и Доналд Норкрос, Вучиќ ја нагласил енергетската безбедност како клучно прашање за Србија, најавувајќи дека во рок од 48 часа ќе соопшти повеќе детали за преговорите и можните сценарија. Засега, пораката од Белград е јасна: Србија е под голем притисок, а секоја одлука околу НИС ќе има директни последици и во политиката, и во економијата.

