Вулканот Кључевскаја на рускиот полуостров Камчатка испрати густ столб пепел шест километри над кратерот само неколку часа откако регионот го потресе разорниот земјотрес со магнитуда 8,8.
Податоците на мрежата „Вулкани на Камчатка“ – дел од системот на природни паркови во Далечниот Исток – потврдуваат дека ерупцијата е директно поврзана со силните потреси. „Ова е типична реакција на Кључевскаја при вакви сеизмички импулси“, изјави акад. Алексeј Озеров, директор на Институтот за вулканологија и сеизмологија при Руската академија на науките.
Кључевскаја, висок околу 4.750 метри, е најактивниот и највисокиот стратовулкан во Евроазија. Последната значајна ерупција беше во 2023 година, кога пепелниот облак го наруши авионскиот сообраќај над северен Пацифик.
Локалните служби издадоа предупредување за густ пепел во радиус од 50 км околу вулканот, а пилотите се советувани да ги избегнуваат воздушните коридори во близина. Сè уште нема информации за евентуални штети или повредени, но научниците продолжуваат да ја следат активноста.