Во рамките на програмата Jazz Cinema на Скопскиот џез фестивал, вечерва од 20 часот во киното „Фросина“ ќе биде прикажан документарниот филм We Want the Funk! на режисерот и продуцент Стенли Нелсон, создаден во 2025 година во корежија со Никол Лондон.
Филмот нуди ритмична и енергична приказна за корените и развојот на фанк музиката – од Џејмс Браун до Parliament-Funkadelic. Преку динамични сцени и архивски снимки, авторите ја прикажуваат фанк културата како огледало на радоста, отпорот и еманципацијата на афро-американската заедница во годините по движењето за граѓански права.
We Want the Funk! ја истражува врската меѓу музиката, политиката и урбаната култура од 70-тите години, прикажувајќи како ритамот на Средниот запад на Америка станал глас на едно време и едно движење.