Скопје вчера, на 20 септември, беше домаќин на второто издание на интернационалната ИТ конференција „What The Stack“, што се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ). Настанот уште еднаш ја потврди улогата на македонската престолнина како регионален центар за технолошка инспирација и знаење.
Конференцијата донесе четири паралелни сцени, 30 предавачи и повеќе од 600 учесници, а на сцената настапија и 20 интернационални експерти од европската и светската ИТ сцена, меѓу кои Тејас Кумар, Салма Алам-Најор, Даниел Рои, Питер Ван Вилет, Фанис Продромоу и Сара Виеира.
Темите опфатија веб-девелопмент, најнови достигнувања во вештачката интелигенција и практични совети за инженери и ИТ професионалци.
„Нашата цел со What The Stack е да изградиме платформа преку која локалната и регионалната ИТ заедница може да учи од најдобрите, да се инспирира и да создава нови можности за соработка. Ова не е само конференција – ова е движење од заедницата, за заедницата,“ изјави Павлина Бучевска Бошкова, претседател на Base42 и организатор на настанот.
Со успешното второ издание на „What The Stack“, Скопје уште еднаш се запиша на мапата на значајни регионални ИТ настани.