Wizz Air од 2026: нови линии од Скопје и Охрид, се враќаат Будимпешта и Катовице

Виз Ер најави дека од 2026 година ќе воведе нови рути од Скопје и Охрид, а ќе ги врати и летовите кон Будимпешта и Катовице. Компанијата дополнително ќе го базира својот шести авион на Меѓународниот аеродром Скопје, што претставува значаен чекор во проширувањето на нејзиното присуство на македонскиот пазар.

Од март 2026, Скопје добива директни летови за Неапол, Италја, како и повторно за Будимпешта, Унгарија. Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе опслужува линии до Милано Малпенза и Вроцлав, а повторно се воспоставува и врската со Катовице.

„Проширувањето на мрежата на авиолинии ја зајакнува улогата на македонските аеродроми како важни врати кон Европа. Новите линии ќе им понудат на граѓаните повеќе опции и ќе ја зголемат конкурентноста на двата аеродроми во регионот“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Распоредот предвидува три лета неделно од Скопје до Неапол и Будимпешта — понеделник, среда и петок — со почеток на 30 март 2026. Од Охрид, линијата кон Милано стартува на 30 март, кон Вроцлав на 7 јуни, а кон Катовице на 8 јуни 2026, со по два лета неделно на секоја релација.

Со новите и повторно воведените рути, патниците од Македонија ќе имаат поширок избор да ја истражат културната и историската разновидност на Европа — од гастрономскиот Неапол и модниот Милано, до динамичните полски центри Вроцлав и Катовице, како и историската Будимпешта.

Зачлени се на нашиот е-билтен