За да ги заштитат децата Горниот дом на британскиот парламент ја одобри забраната за социјални мрежи за лица под 16 години

„Ова го започнува процесот на запирање на катастрофалната штета што социјалните медиуми ја нанесуваат на една генерација“, рече конзервативниот пратеник Џон Неш.

Горниот дом на Велика Британија гласаше за забрана на користењето на социјалните медиуми од страна на лица под 16 години, зголемувајќи го притисокот врз владата да го усогласи законот со слична одлука во Австралија.

Премиерот Кир Стармер изјави дека не исклуува никакви опции и вети мерки за заштита на децата, но дека неговата влада сака да почека на резултатите од консултациите планирани за летото пред да донесе закон.

Повиците за забрана доаѓаат и од опозицијата и од владејачката Лабуристичка партија, а целта е Велика Британија да го следи примерот на Австралија, каде што од 10 декември, на лицата под 16 години им е забранет пристап до социјалните медиуми.

Амандманот, предложен од опозицискиот конзервативен пратеник Џон Неш, а поддржан од еден член на Лабуристичката партија и еден член на Либералните демократи, беше усвоен со 261 глас „за“ и 150 „против“ во Горниот дом.

„Членовите на Домот на лордовите ја ставија иднината на нашите деца на прво место“, рече Неш.

Тој додаде дека „ова гласање го започнува процесот на запирање на катастрофалната штета што социјалните мрежи ја предизвикуваат на една генерација“.

Пред гласањето, Даунинг стрит изјави дека владата нема да го прифати амандманот, кој сега оди во Долниот дом предводен од Лабуристичката партија. Повеќе од 60 пратеници на Лабуристичката партија го повикаа Стармер да ја поддржи забраната.

Познати личности, вклучувајќи го и актерот Хју Грант, исто така ја повикаа владата да го поддржи предлогот, нагласувајќи дека родителите сами не можат да ги неутрализираат штетните ефекти од социјалните медиуми.

Некои центри за заштита на децата предупредуваат дека забраната може да создаде лажно чувство на безбедност.

Анкета на YouGov спроведена во декември покажа дека 74% од Британците ја поддржуваат забраната.

Законот за безбедност на интернет бара безбедна проверка на возраста за потенцијално штетна содржина.

Зачлени се на нашиот е-билтен