Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За еден месец стартува академската година, а во студентските домови во Скопје има слободни само 2.500 легла

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје излезе со три конкретни барања до Министерството за образование и наука (МОН), во обид да го подобри студентскиот стандард. Барањата се однесуваат на: измени во Правилникот за финансирање на студентите на интегрирани студии, усвојување на Законот за младински стандард и продолжување на рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк.

Според Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ, најголемите проблеми кои ги лоцирале се оние поврзани со интегрираните студии. Студентите кои студираат 3+2 години на Правниот и 4 +1 на Архитектонскиот факултет не можат да аплицираат за стипендии за втор циклус студии, бидејќи тековниот правилник го дозволува тоа само за студентите кои имаат четиригодишни додипломски студии.

„Ние бараме промена на тој правилник за да им овозможиме на овие студенти да аплицираат за стипендии за постдипломски студии и потенцијално да добијат финансиска поддршка,“ изјави Ѓошева.

Друго важно барање на УСС е продолжувањето на рокот за аплицирање за субвенционираниот студентски оброк, особено за бруцошите кои, според тековните правила, не можат да аплицираат на време. „Бруцошите се во неповолна позиција бидејќи немаат документи дека се запишани студенти и го губат правото на субвенциониран оброк во првиот месец. Тоа право мора да им се обезбеди од 1 октомври,“ додаде Ѓошева.

Третото барање на УСС е поврзано со Законот за младински стандард, каде се инсистира на подобрување на условите за студентско сместување. Затворањето на домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ ја намали достапноста на легла за студентите. Останатите домови – „Гоце Делчев“, „Пелагонија“ и „Томе Стефановиќ Сениќ“ – нудат вкупно 2.500 легла, што можеби нема да биде доволно за сите студенти кои ќе аплицираат за сместување.

„Со усвојување на Законот за младински стандард бараме да се отворат нови капацитети за сместување и да се регулираат цените на приватните станови,“ објасни Ѓошева.

Во однос на студентското сместување, Савче Ѓошева додава дека условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се задоволителни и дека домот важи за еден од подобрите. Сепак, истакнува дека има простор за подобрување на квалитетот на храната во мензата и на хигиената, која, според неа, зависи од самите станари. „Домот е функционален, но храната и хигиената можат да се подобрат,“ вели таа.

Иако УСС се сретна со министерката за образование Весна Јаневска, конкретно решение не е донесено. МОН соопшти дека во моментот нема буџет за решавање на овие проблеми, но ќе се разгледаат можностите во иднина.

Насловна фотографија: Wikipedia

Александра Тодоровиќ / Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен