Една седмица откако беше пуштена во употреба платформата на Независната управа за јавни приходи на Грција за пријавување даночни прекршоци, односно затајување данок, неиздавање фискални сметки, издавање лажни сметки и слично, веќе биле поднесени над 500 пријави, објави економскиот портал „Имересија“, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретната апликација е достапна од почетокот на месецов и им дава можност на Грците, анонимно или со целосни лични податоци да поднесат жалби за даночни прекршувања, а според медиумите во Грција, по пријавата може да бидат и парично наградени до 3.000 евра.
Апликацијата, според „Имересија“, им овозможува на граѓаните преку нивниот мобилен телефон да ја проверат автентичноста на фискалните сметки што ги добиваат и да ги пријавaт случаите на даночно затајување со издавање лажни сметки.