За кој Венецуелец Трамп нуди 25 милиони долари?

Диездадо Кабељо, шеф на безбедносниот апарат на Венецуела, познат под прекарот „Октопод“, се смета за една од најмоќните, но и најомразените фигури во владата. Неговото влијание се споредува со оној на привремената претседателка Делси Родригез, а многумина веруваат дека судбината на режимот во Каракас зависи од него.

Кабељо води телевизиска емисија „Удар со чекан“ (Con el Mazo Dando), која служи за мобилизирање на приврзаниците на владејачката партија и за напади врз политичките противници. САД нудат награда од 25 милиони долари за информации кои би довеле до негово апсење, што дополнително ја заострува нестабилноста на неговиот положај.

По американската акција на 3 јануари, кога претседателот Николас Мадуро беше киднапиран, Кабељо беше забележан како патролира низ Каракас со вооружени лица. Бивши официјални лица сметаат дека неговиот авторитет е ослабен и дека тој е приморан да следи политиките на Делси Родригез и нејзиниот брат, претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез.

Роден во скромно семејство во источната држава Монегас, Кабељо се приклучил на војската во време кога Венецуела била демократска и економски стабилна. По неуспешниот државен удар во 1992 година, воден од неговиот ментор Уго Чавез, тој постепено изгради широка мрежа на влијание и го доби прекарот „Октопод“.

И покрај тоа што Чавез го избра Мадуро за свој наследник, Кабељо ја задржа својата моќ, а неговата телевизиска платформа и функциите во владата му овозможија да контролира клучни делови од безбедносниот апарат. Во 2024 година, тој стана министер за внатрешни работи со задачата да го задуши несогласувањето во земјата.

Канада, ЕУ и САД воведоа санкции против Кабељо поради наводни злоупотреби, вклучувајќи перење пари и кршење на човековите права. САД го обвинуваат дека преку воената мрежа „Сончев картел“ управува со трговија на дрога.

И покрај падот на Мадуро, Кабељо сè уште е перцепиран како вистинската сила во Венецуела, а неговата задача е да прикаже доволно моќ за да ги заплаши противниците, без да предизвика нов американски удар.

„Типот што го однесе Мадуро беше марионета, вистинскиот шеф сè уште е на власт“, коментира еден жител на Каракас.

Зачлени се на нашиот е-билтен