За Мицкоски средбите на Вучиќ и неговиот ПР се тривијални, а за оваа средбата со Макрон пласираше алтернативна вистина, односно го пренесе на социјалните мрежи само неговиот поглед од состанокот со францускиот претседател.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите денеска реагираше на пишувањето на Рацин.мк, односно на текстот „Мицкоски прво да испорача, па после ќе го дружат, до тогаш – изолација“. Во тој текст само го резимиравме учеството на претседателот на Владата на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта како непродуктивно откако од неговите објави на социјалните мрежи стана јасно дека Мицкоски беше длабоко изолиран во Будимпешта, на маргините, и тоа е уште една силна европска порака. Така ќе остане додека тој не испорача.
Заклучивме дека ќе го дружат дури тогаш кога неговите декларации за тоа дека местото на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија ќе бидат препознаени низ конкретни чекори и исполнети обврски.
Прашавме каде се се фотографиите? Каде се информациите за содржините од тие „бројни“ средби за коишто во видео изајавата Мицкоски рече дека ги остварил на состанокот во Будимпешта на кој учествува 40-тина лидери од Европа? Или барем да дадеше инфо кои се тите личности од „многу билатерални средби“.
Направивме споредба на активностите и средбите на српскиот претседателот Вучиќ, кој како лидер на земја кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан, во текот на тој еден ден во Србија имаше средба со претседателката на владата на Данска Мете Фредриксен, со министерот за надворешни работи на Обединетото кралство Кир Стармер, со Макрон, со премиерот на Грузија Иракли Кобахидзе, со австрискиот канцелар Карл Нехамер…
За Мицкоски средбите на Вучиќ и неговиот ПР се тривијални.
„Видов одредени натписи на одредени портали кои ја поддржуваат работата на опозицијата, како моите средби ги споредуваат со средбите на некои други лидери во околината, но кога би ја објавувал секоја слика со секого со кого ќе се поздравам, би изгледало тривијално. Мислам дека е покорисно да се објавуваат вистински, суштински средби во кои има суштински дијалог. Таква беше средбата со францускиот претседал“, рече денеска Мицкоски.
Но и за оваа средба Мицкоски пласираше алтернативна вистина, односно го пренесе на социјалните мрежи само неговиот поглед од состанокот со Макрон.
За средбата со францускиот претседател, на Фејсбук профилот, македонскиот премиер напиша, дека со претседателот на Франција Макрон имал отворена дискусија за одблокирање на патот на земјата кон ЕУ .
„На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со Францускиот претседател, Емануел Макрон.
Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива.
„Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
За средбата Макрон – Мицкоски, од Елисејска Палата вака информираа:
„Двајцата лидери се согласија за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и Северна Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот. Претседателот на Републиката ја потврди и поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, притоа почитувајки ги нејзините меѓународни обврски“, пишува во соопшението од Елисејската палата.
Има разлика, нели!