За само 5 милиони долари ризикуваме канцер во Крива Паланка и околината

Редакцијата на Рацин.мк веќе објави оспежна анализа за реткиот металоид Антимон во Крива Паланка, кој повторно влегува во политичкиот фокус заради недостатокот на овој минерал во САД по преговорите на македонската Влада, со САД како дел од стратешкото партнество, заради кое поголем дел од Владата заедно со премиерот се во САД изминативе денови. (анализата е објавена на крајот на овој текст)

Американската DFC и австралиската Pela Global потпишаа договор сомнителен договор токму 20тина дена пред заминувањето на македонската делегација во САД, за проектно финансирање до 5 милиони долари за рестарт на браунфилд-проектот Крстов Дол, а Владата тоа го претстави како економска можност и дел од стратешкото приближување со САД.

Но зад политичката промоција стои многу понепријатна равенка: парите засега не се за изградба и работа на рудникот, туку за проценка на ресурси, физибилити и еколошка и социјална студија, додека вистинскиот товар од ризикот уште отсега се префрла врз локалниот простор и врз институциите што треба да докажат дека умеат да го контролираат.

Ова е првата важна измама во политичката презентација на случајот. И DFC и самата Pela јасно кажуваат дека финансирањето е проектно-развојно: за нова минерална проценка, за еколошка и социјална студија и за движење кон физибилити-фаза. Со други зборови, Македонија веќе ја продава приказната како стратешки успех, а документите што доаѓаат од Вашингтон и од инвеститорот покажуваат дека проектот сè уште е во предразвојна фаза. Кога власта однапред политички капитализира рудник што допрва треба да докажува техничка, економска и еколошка одржливост, тогаш повеќе наликува дека продава геополитичка лојалност отколку развојна извесност.

Од американска перспектива, ова не е приказна за Крива Паланка, туку за Кина. DFC отворено соопшти дека целта е да се диверзифицира глобалното снабдување со антимон подалеку од Кина и да се обезбеди извор за САД и нивните сојузници. USGS наведува дека САД во 2024 година имале нето-увозна зависност од антимон од 85 проценти, а 63 проценти од нивниот увоз на метал и оксид во периодот 2020–2023 дошол од Кина. Тоа значи дека Македонија не влегува во оваа шема како рамноправен индустриски партнер, туку како мала точка на мапата на американската стратегија за критични минерали.

Тука е и втората непријатна димензија за власта. Кога една земја со слаба институционална меморија за еколошки катастрофи станува дел од големата геополитика на суровини, профитот и стратешката сигурност се пресметуваат во Вашингтон и на берзите, а прашината, јаловината и водниот ризик остануваат дома. Уште полошо, DFC и Pela веќе посочуваат и можен офтејк и преработка во САД, што значи дека Македонија лесно може да заврши во најлошата можна позиција: да го носи ископот и ризикот, а повисоката додадена вредност да се сели надвор.

Антимонот не е само уште еден метал за извоз. И САД и ЕУ го третираат како критична суровина, бидејќи се користи во батерии, огноотпорни материјали, полупроводници, одбранбени производи и други индустрии со висок стратешки влог. Но истовремено, здравствениот и еколошкиот дел од приказната е далеку од безопасен.

Најтешкиот аргумент против лесното политичко славење не е идеолошки, туку научен. Истражување за поранешни As-Sb рударски локалитети во Македонија покажува дека почвите и речните седименти имаат многу високи концентрации на арсен и антимон, често далеку над праговите, дека површинските води покажуваат повисоки концентрации од подземните, и дека овие локалитети се „еколошки жешки точки“ на кои им треба санација. Авторите дополнително предупредуваат дека алкалните води овозможуваат овие елементи да останат подвижни и да се пренесуваат на поголеми растојанија. Тоа е предупредување што не смее да се чита како стара архива, туку како жива лекција што државата мора да ја има пред себе пред да дозволи нов круг на ископ и преработка.

Покрај тоа, самата компанија ПЕЛА на својата страница не ја опишува концесијата само како антимонски проект, туку како полиметаличен простор во кој, покрај антимон, се присутни и злато, цинк, олово и бакар, а во рамки на Luke KP концесијата го наведува и Samar Gold Project со уште неколку дополнителни проспекти. Тоа значи дека приказната не е само за еден минерал и за едно лежиште, туку за пошироко отворање на теренот кон рударска логика во која еднаш пуштената врата многу тешко повторно се затвора.

Токму тука лежи и подлабоката анализа. Мицкоски може да го прикаже антимонот како доказ дека САД ѝ веруваат на Македонија, но јавноста има право да праша што точно добива државата за речиси бедни 5 милиони евра, освен ролја на безбедносен добавувач во туѓа стратешка пресметка.

Ако Вашингтон бара минерал, а Скопје веднаш нуди терен, а при тоа не покажува претходно зајакната еколошка и инспекциска архитектура, тогаш ова не е модерна индустриска политика, туку стар балкански модел: малку пари за влез, големи политички аплаузи на старт и долга сметка што останува да ја плаќа локалната средина.

За само 5 милиони долари, значи, Македонија засега не продава рудник, туку согласност да влезе во една многу поголема игра во која САД бараат сигурен антимон, а Крива Паланка и околината се местото каде што допрва треба да се види дали државата ќе постави црвени линии или повторно ќе дозволи рударската логика да биде побрза од јавниот интерес.

Целосната анализа за ризиците од Антимон прочитајте ја на овој линк:

Зачлени се на нашиот е-билтен