СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со малверзациите што ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, најавија денеска од партијата.
,,Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон.
Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO).
Ова не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за да си играат со судбината на Македонија и да ги крадат граѓаните” велат од СДСМ.
Главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).
EPPO е независно тело на Европската Унија, основано во 2017 година и оперативно од 2021 година, со главна задача да истражува, гони и води постапки за измами, корупција и други кривични дела кои ги загрозуваат финансиските интереси на Европската Унија, вклучително и фондовите како ИПАРД, што се дел од претпристапните ИПА-фондови наменети за земјите-кандидати.
Како дел од ИПА-фондовите, ИПАРД е под надлежност на EPPO во случаи на измама, перење пари или корупција.
Ковеши е позната по својата бескомпромисна борба против корупцијата од нејзината претходна работа во Романија, каде што го водеше Националниот директорат за антикорупција.

