Утре, сабота (14 февруари 2026), поради верскиот празник Задушница, СВР Скопје преку Единицата за безбедност на патниот сообраќај најави посебен режим на сообраќај, со цел да се растовари движењето во зоните каде традиционално има најголема фреквенција на возила и пешаци.
Клучната мерка е насочена кон Градските гробишта Бутел. Од 06:00 часот сообраќајот ќе се одвива во една насока, кружно: возилата ќе се движат по ул. „Бутелска“, потоа лево по ул. „Александар Урдаревски“, лево по ул. „Боца Иванова“ и десно кон влезот на гробиштата. За излез, движењето ќе биде десно по истата улица до кружниот тек на „Бутелска“, па лево по „Бутелска“ и десно по ул. „Кемал Сејфула“.
Посебен режим ќе има и во близина на Гробиштата Камник, како и кај гробиштата во Драчево и Ѓорче Петров, каде што се очекува зголемен притисок поради посетите и задржувањето на граѓаните во пошироката околина.
Од Министерство за внатрешни работи апелираат возачите и пешаците да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на сообраќајниците опфатени со режимот, бидејќи мерките ќе зависат и од реалната состојба на терен, густината и безбедносните проценки во текот на денот.