Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За загадениот воздух граѓаните може да ја тужат државата и да бараат надомест за штета

Скопје се наоѓа на 21-то место на најзагадени градови во светот, измери „Ервижуал“, светската страница која го мери квалитетот на воздухот денеска во 15 часот. На оваа непопуларна листа, главниот град на Северна Македонија изминатите неколку дена неколку пати се најде меѓу првите 10.

И не е само Скопје. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на вчерашниот ден измериле надминување на граничната вредност на ПМ10 честичките на мерните места и во Кичево, Гостивар и Охрид.

Со доаѓањето на зимата граѓаните стравуваат дека ситуацијата ќе се влошува.

Она што е различно од претходните години е што на граѓаните сега им е отворен патот судски да ја тужат државата и да бараат надомест на штета.

Тоа го овозможи одлуката од 8 октомври, односно начелниот став на Врховниот суд со кој граѓаните во постапка пред Управен суд ќе може да бараат да се задолжат надлежните државни органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, но и да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето.

Иницијативата пред Врховниот суд ја поднесоа невладината „Центар за правни истражувања и анализи“ и адвокатското друштво ,,Гоџо, Кичеец и Новаковски”.

Според статистиките од судовите во кои се воделе постапки за кривични дела против животната средина, во последните четири години судовите имаат донесено 242 правосилни пресуди. Во нив, осудени 280 лица. Пресудите се однесуваат на парични казни, затворски или алтернативни санкции. Поголемиот дел се кривичните дела се извршени со умисла, а некои од небрежност.

Од здравствен аспект, пак Институтот за јавно здравје на почетокот на 2024 година објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија може да се препише на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.

Последните податоци на Европската агенција за животна (ЕЕА) средина покажуваат дека загадениот воздух е причина за над 5.000 предвремени смртни случаи во Северна Македонија.

Една недела по начелниот став на Врховниот суд со кој ја обврзува државата да преземе мерки против загадувањето, идентична одлука донесе и Советот на Европската унија на 14 октомври, усвојувајќи Директива со која се воведуваат нови стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите загадувачи.

Новите правила треба да придонесат за целта на Европската унија за нулта загаденост до 2050 година и да помогнат да се спречат предвремените смртни случаи од аерозагадувањето.

Изменетата директива предвидува и дека граѓаните можат да бараат компензација во случаи кога непочитувањето на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот предизвикува оштетување на нивното здравје.

Се проценува дека околу 300.000 луѓе годишно умираат во Европа како резултат на загадениот воздух.

Зачлени се на нашиот е-билтен