Забраната за управување со моторно возило изречена со правосилна судска пресуда повеќе нема да се впишува физички во возачката дозвола. Наместо тоа, се воведува дигитален систем на известување преку СМС пораки и електронска пошта, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според новиот начин на спроведување на санкцијата, процесот на известување се одвива во две фази. Граѓаните најпрво ќе добијат прва СМС-порака, која содржи информации за видот и времетраењето на забраната. Оваа порака се испраќа приближно седум дена по пополнување на изјавата со контакт податоци.
Осум дена по приемот на првата порака, се испраќа втора СМС-порака, а забраната за управување моторно возило официјално започнува да тече токму од моментот кога ќе биде примена оваа втора порака.
Од МВР посочуваат дека со новиот систем се укинува потребата граѓаните да вадат нова возачка дозвола со впишана забрана, што претходно значеше и дополнителни трошоци.
Досега, според податоците на Министерството, реализирани се повеќе од 3.000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди, преку овој нов систем.
Граѓаните кои имаат изречена ваква санкција се повикуваат да ги ажурираат своите контакт податоци – мобилен телефон и е-маил адреса – во одделенијата за управни работи, за навремено да добиваат известувања и да се избегнат недоразбирања при извршувањето на санкцијата.