Според специјалистот за комуникации и медиуми Марјан Забрчанец, изборниот модел и контролата на големите партии ја одржуваат етничко-партиската поделба на гласачкото тело во Македонија, но постојат моменти кога граѓаните успеваат да ја надминат оваа матрица.
Во изјава за Frontline.mk, Забрчанец објаснува дека политичките партии имаат интерес да го задржат постојниот систем, бидејќи преку него ја контролираат сопствената база на поддржувачи.
„Во Македонија доминира гласањето по етничка и партиска линија пред сѐ поради тоа што изборниот модел е така поставен и поради тоа што моќта и контролата врз изборните процеси е пред сѐ кај големите политички партии, особено кај најголемата партија од власта,“ вели Забрчанец.
Тој додава дека на партиите не им одговара граѓаните да гласаат по други основи – идеолошки или програмски – бидејќи во таков случај тие би ја изгубиле контролата врз сопствените гласачи.
Сепак, според него, низ годините имало примери кога гласачите успеале да се оддалечат од етничко-партиските определби.
„Граѓаните во различни изборни циклуси покажаа дека знаат да ги надминат ваквите стеги на контролата и да излезат од шинелот на етничките и партиските кампуси. Тоа најчесто се случува кога револтот и незадоволството од владејачките партии расте,“ вели Забрчанец.
Како пример го наведува изборниот процес од 2016 година, кога, и покрај тоа што државата сè уште беше под влијание на тогашниот режим, опозицијата успеа да мобилизира голем број гласови засновани на револт и конкретни барања – а не на етничка или партиска припадност.
„Во Скопје може да се повтори сличен феномен“
Говорејќи за тековните локални избори, Забрчанец смета дека сличен процес може да се забележи во вториот круг за градоначалник на Град Скопје.
„Падот на довербата кај власта создава услови кандидатот Амар Мециновиќ да мобилизира гласови кои не припаѓаат на неговата матична партија Левица, ниту пак се мобилизирани по етничка линија,“ истакнува тој.
Според него, потеклото на Мециновиќ како македонски Бошњак и зголеменото незадоволство кај дел од гласачите може да создадат нов тренд на гласање:
„Во услови на потрага по начин да се казнат политиките на оние кои го доведоа Градот во оваа состојба, можно е тој да привлече гласови од граѓани од различни етнички заедници – односно опозициски гласови кои сакаат да ја казнат ВМРО-ДПМНЕ поради изневерените очекувања со Арсовска.“
Иако етничката припадност и партиската лојалност остануваат доминантни фактори во македонската политичка култура, Забрчанец смета дека дел од гласачите постепено почнуваат да се водат од конкретни политики и резултати, а не од етничка идентификација.
Извор: Frontline.mk
