Комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец во емисијата „Стадион“ на Канал 77 порача дека вештачката интелигенција не е никаква „Баба Рога“, туку нова алатка која, како и интернетот, може да ја зајакне критичката мисла и граѓанската моќ. Тој потсети дека низ годините токму интернетот им овозможи на граѓаните да се самоорганизираат, да се информираат директно и да изградат критичка маса, како во времето на студентските пленуми и протестите со хаштаг „Протестирам“.
Забрчанец истакна дека секоја нова технологија прво била дочекувана со недоверба, но дека токму тие што први ја прифаќаат промената добиваат предност во општеството. „Кога граѓаните се поврзани, информирани и подготвени да користат нови дигитални алатки, манипулациите потешко поминуваат, а одговорноста на власта расте“, нагласи тој, алудирајќи дека истата логика важи и за вештачката интелигенција.
Според Забрчанец, авангарда не можат да бидат оние што бегаат од вештачката интелигенција и ја демонизираат пред да ја разберат, туку оние што ќе научат да ја користат во полза на јавниот интерес, демократијата и подобрата информираност. Тој додаде дека Македонија има потенцијал со кадрите во ИТ и дигиталната сфера, но дека вистинскиот исчекор ќе дојде кога вештачката интелигенција ќе се гледа како продолжување на веќе стекнатото искуство со интернетот, а не како закана од која треба да се бега.