Добитникот на Специјална Златна камера 300, славниот директор на фотографија Воли Фистер, денеска се обрати пред новинарите и филмскиот свет во Битола, каде го сподели своето филмско искуство и визија за уметноста зад камерата.
„Секогаш ја барам човечноста зад камерата“, изјави Фистер, додавајќи дека токму тоа ја прави филмската слика силна и незаборавна.
Тој посочи дека соработката со Кристофер Нолан му била клучна во кариерата – не само поради заедничките проекти, туку и поради дисциплината која ја наложувала нивната одлука да снимаат исклучиво на филмска лента.
„Процесот на работа со лента е исклучително тежок и бара многу вложување, но резултатите на големото платно се неспоредливи. Филмовите снимени на филмска лента имаат живот кој дигиталното едноставно не може да го долови,“ нагласи Фистер.
Тој се присети и на времињата кога со Нолан биле нарекувани „холивудски бунтовници“ затоа што пркоселе на дигиталната ера. „Нолан и денес снима исклучиво на филмска лента, и токму затоа неговите филмови се толку автентични,“ рече Фистер.
Со ова, лауреатот на „Браќа Манаки“ уште еднаш ја потврди својата посветеност на класичната филмска уметност и инспирираше генерации млади кинематографери да ја следат својата визија, дури и кога таа се коси со трендовите.