Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“/”Behind the haystacks” на младата грчка режисерка Асимина Проедру, реализиран во копродукција помеѓу Грција, Германија и Северна Македонија, доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија.
Дебитантскиот игран филм „Зад стоговите сено“ на Проедру од Грција постигна исклучителен успех на церемонијата на доделување на наградите на Грчката филмска академија (Hellenic Film Academy Awards 2023), што се одржа на 27 јуни во Атина, Грција.
Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа: за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Наградите на Грчката филмска академија 2023 или Грчките Ирис награди (Hellenic Iris Awards) се збир на награди кои секоја година ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.
Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Северна Македонија. Македонски продуцент е „Сектор филм“, предводен од продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Премиерата на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022 година, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа – Индија.
Снимањето на филмот се одвиваше на територијата на Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во Северна Македонија во текот на 2021 година, кога сѐ уште беа на сила ковид-протоколите. Дејствието на филмот се одвива во 2015 година. Приказната во филмот зборува за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Северна Македонија.
Филмот беше поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм на РСМ и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела на Советот на Европа – Еуримаж. Главен продуцент е „Аргонаутс продукција“, која соработуваше со „Сектор филм“, продуцентска куќа од Скопје, и „Фикшн парк“ (Fiction Park) од Германија. Покрај културолошката димензија, снимањето на филмот има и пошироко значење, бидејќи претставува прва соработка помеѓу грчките и македонските филмаџии по потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Се надеваме дека културната соработка помеѓу двете соседни земји ќе продолжи и во иднина!“, соопштуваат од Сектор филм.