Заев до Груевски: Да ја одлежеше казната денес ќе можеше од тука да му се обраќаш на народот

Поранешниот премиер Зоран Заев со нова објава на социјалните мрежи остро му одговори на Никола Груевски, обвинувајќи го дека од бегство „се разубавува“ и дели задачи во македонската политика, наместо да ја одлежи затворската казна за која вели дека е изречена во име на граѓаните.

Во обраќањето, Заев му се обраќа директно на Груевски, со тврдење дека „не знае што да прави со самиот себе“ и дека од далечина се обидува да ја контролира ВМРО-ДПМНЕ. Според него, поранешниот премиер секојдневно им дели задачи на своите луѓе, иако е надвор од земјата, а тоа го врзува со „комплекси“ и неможност да се соочи со одговорност.

Заев посочува дека, доколку тој се мешал во правосудството, Груевски „ќе добиел многу поголема казна“, но дека во неговиот мандат се борел за „слободна и демократска Македонија“. Поранешниот лидер на СДСМ оценува дека бегството во Унгарија, наместо издржување на казната, му ја одзело на Груевски можноста денес да зборува во Македонија, пред македонската јавност, „со достоинство“. Наместо тоа, според Заев, поранешниот премиер од безбедна дистанца пишува „епопеи“ што, како што вели, „никој не може и не сака да ги дочита до крај“.

Во постот, Заев прави и лична споредба, наведувајќи дека пред политиката се занимавал со сопствен бизнис и работа, а последните речиси пет години е во „политичка пензија“. Сепак, тврди дека владејачката партија и нејзините претставници „секој ден го споменуваат“, што го толкува како доказ за „натрупани комплекси“.

Една од најострите забелешки во статусот се однесува на потеклото на парите. Заев тврди дека Груевски „се капе во украдените пари на граѓаните на Македонија“, додека тој, како што наведува, „достоинствено работи“ и нема намера да троши време на „серијали писанија“ посветени на својот политички ривал.

Во продолжение, Заев му „препорачува“ на Груевски да си најде хоби или занимација која ќе му „годи“ додека, како што иронично додава, „се разубавува“. Во полуироничен тон го прашува дали научил да готви гулаш.

Постот завршува со порака дека верува оти ќе дојде ден кога Груевски ќе се појави во Македонија и „добро знае каде ќе треба директно да оди“, алудирајќи на затвор. Заев нагласува дека, дури и да бил жеден, „Русија капка вода нема да му даде, а камоли бизнис“, завршувајќи со порака „До свидания Никола!“ и потсетување дека Македонија е „полноправна членка на НАТО“.

Зачлени се на нашиот е-билтен