„Дијалгот, дипломатијата, прифаќањето на аргументите на другиот и компромисот и понатаму остануваат единствените средства за разумно решавање на конфликтите“, истакна поранешниот премиер Зоран Заев на конференцијата на актуелни претседатели и шефови и членови на влади, како и на истакнати претставници на тинк-тенк организации и на академската сцена на „Економист“ која што се одржува во Атина, Грција .
Заев истакна дека настанот на „Економист“ се одржува во сенката на заканите на неколку воени и кризни жаришта во светот, како што се војната во Украина, екстремно кризната ситуација во Израел и ситуацијата на северот на Косово, и дека „вистинските одговори на сите овие прашања треба да ги дадат умерените и прогресивните сили во светот. Потребно е тие решенија и одговори да ги имаме колку што е можно побргу за да им се одземе иницијативата на радикалите и екстремните популисти“.
На форумот на Економист поранешниот премиер Заев се обрати на панелот „Продлабочување на солидарноста: Како Европа да излезе посилна од актуелните геополитички превирања“, на која свои видувања презентираа и поранешната спикерката на претставничкиот дом на Конгресот на САД Ненси Пелоси, премиерот на Косово Албин Курти, поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко, поранешниот претседател на Ерменија Армен Саркисиан и Дора Бакојани, пратеничка во грчкиот парламент и поранешна министерка за надворешни работи на Грција.
„Од регионална перспектива, повеќе пати се уверивме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања“, рече Заев.
Тој додаде дека за да се постигнат договори кои носат мир и стабилност потребни се верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија, но и издржливост и упорност.
„Како и актуелните конфликти сега, и со војната во Украина, и на Косово, како и во Израел и Палестина, и Договорот од Преспа имаше за цел да го надмине минатото исполнето со недоверба и да постави основа, темели, за да градиме заедничка иднина“ рече Заев.
Договорот од Преспа беше постигнат низ дијалог, со разбирање и подготвеност за компромис од двете страни, посочи Заев на форумот на Економист во Атина.
„Решението беше најдено низ дијалог, меѓусебно разбирање и со подготвеност за компромис од двете страни. Северна Македонија стана членка на НАТО, а Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија. Преговорите за членство се во тек“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на форумот на Економист во Атина.
Тој додаде дека со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас прифатиле дека нема да ги избегнуваат тешките прашања, туку ќе се соочат со нив за да најдат решение.
„Од Преспа наваму Грција сега не само што не нѐ блокира, туку и го помага нашето забрзано интегрирање во ЕУ како најсилен партнер. Во име на тоа пријателство јас и во оваа прилика му благодарам и на премиерот Мицотакис кој го прифати Преспанскиот договор и кој со неговото и со лидерство на Грција претставуваат исклучителен фактор на стабилност во регионот“ рече Заев.
Поранешниот премиер додаде дека Договорот од Преспа е препознаен како модел за решавање на сложени недоразбирања и конфилки и рече дека ваквите договори се катализатори на промени за нови перспективи и можности, за економски развој и за подобра иднина.