Во пожар што во саботата доцна навечер избувнал во ноќниот клуб „Бирч“ во местото Арпора, во индиската сојузна држава Гоа, загинале 25 лица, а шестмина се повредени, соопштија локалните власти.
Индиските власти наредија истрага за причината за пожарот и понудија отштета за жртвите, пренесе Ројтерс.
„Наредив судска истрага за целиот инцидент за да се утврдат причината и одговорноста,“ изјави главниот министер на Гоа, Прамод Савант, во објава на платформата X.
Тој додаде дека шесте повредени лица се во стабилна состојба и примаат медицинска нега.
Индискиот премиер Нарендра Моди објави на X дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на загинатите и 50.000 рупии за повредените.
Полицијата соопшти дека пријавата за пожарот во клубот „Бирч“ ја добила во 00:04 часот по локално време.
Пожарникарите работеле цела ноќ на гаснењето на огнот, а телата на сите загинати биле пронајдени. Најмалку четворица од загинатите биле туристи, а 14 биле вработени во клубот, соопшти локалната полиција.