Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја повика Европа „да се вразуми и да престане самата себе да се уништува“, предупредувајќи дека поради, како што рече, „безумната поддршка за Киев и откажувањето од руските енергенси“, европските граѓани би можеле да останат дури и без празнични прослави.
Захарова ги коментираше извештаите според кои, поради политичките одлуки на Брисел и низа европски престолнини за напуштање на руските енергенси и воведување строги мерки за штедење, биле откажани дел од празничните манифестации и традиционалната новогодишна и божиќна расвета.
Таа како пример го наведе Берлин, каде што, според неа, под знак прашалник било одржувањето на новогодишната прослава кај Бранденбуршката порта – настан на отворено со жива музика и огномет, кој традиционално привлекувал посетители од цела Европа.
„Исто така, за првпат по неколку децении, поради мерките за штедење што ги донесоа берлинските власти, целосно се откажало од божиќната расвета на булеварот Курфирстендам – една од најпознатите улици во градот“, додаде Захарова.
Во објава на својот Телеграм-канал, таа праша дали Германците пред само неколку години можеле да замислат дека политиката на европскиот апарат во Брисел и водечките европски престолнини, насочена кон поддршка на, како што го нарече, „киевскиот режим“ и откажувањето од „сигурните руски енергенси“, ќе ги доведе декемвриските празници „на работ на колапс“.
Истовремено, Захарова истакна дека празниците сепак ќе се одржат, но исклучиво благодарение на ангажманот на обичните граѓани и одговорниот деловен сектор.
„Во спротивно, германската престолнина на крајот од декември ќе беше целосно во мрак. За прославата кај Бранденбуршката порта заеднички е најден и платен нов изведувач, а за сијалиците на Курфирстендам пари собирале дури и пензионери. Засега изгледа дека средствата се доволни – Божиќ ќе има“, изјави таа.
„Фактот дека за Божиќ сепак се најдоа пари дава надеж. Дај Боже да се вразумат и да престанат самите себе да се уништуваат“, заклучи Захарова.