Парламентарното мнозинство денеска не го прифати предлог Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство поднесено од пратеничката Моника Зајкова и група пратеници.
Со измените се предвидуваше воведување електронска нараквица за следење на насилниците.
„Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита. Кога имате можност да спречите насилство, а свесно одбирате да не го направите тоа, станувате соучесници. Соучесници во секој следен напад. Соучесници во секоја следна жртва. Соучесници во секоја жена што живее во страв. Овој предлог не е нов. Беше поднесен уште минатата година. И тогаш истото сценарио. Молк, игнорирање, одбивање. А резултатот? Црни биланси. Жени жртви. Скршени животи. И за жал, изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Повеќе не прифаќаме лицемерие”, изјави од собраниската говорница претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Зајкова додаде дека повеќе нема да прифаќа празни говори за „грижа за жените”, статистики за политички маркетинг и лажна загриженост.
„Жените не се бројки. Жените не се проценти. Жените не се тема за ПР. Жените се животи. И тие животи денес беа игнорирани. Ова не е само политичка борба, ова е морална линија. И денес, мнозинството јасно избра на која страна стои: На страната на молкот. На страната на неакцијата. И, за жал, на страната на насилството”, завршува во својата изјава пред пратениците Зајкова.