Лидерката на Либерално-демократската партија Моника зајкова денеска им одговори на дел од општинските организации на ЛДП кои побараа свикување конгрес за промена на раководството, поради незадоволство од како што рекоа, непринципиелната пазарџиска политика и недемократското водење на партијата.
„Здружените напади и уцени кои доаѓаат од оние на кои ќе им се намалат моќта и профитите, здружени со лица на кои им е прекината државната функција и привилегии, кои сакаат да ја дефокусираат јавноста од политиките кои ги промовираме, нема да ме натера да се откажам од истите затоа што се водам и како пратеничка и како претседателка на ЛДП од јавниот интерес и од интересот на граѓаните! Не подлегнувам на никакви закани затоа што се што програмски го предлагаме во Собранието е во интерес на граѓаните и државата“, децидна е Зајкова.
Бобан Бојковски од општинската организација Куманово го обвини раководството на партијата за приклучување кон владејачката партија, без притоа да биде слушнат гласот на членовите на ЛДП. Тој нагласува дека од партијата биле исклучени четири општински организации само затоа што барале одговорност за големиот неуспех на партијата на последните парламентарни и претседателски избори.
Од друга страна, претседателката на партијата, Моника Зајкова демантира дека има намера да се приклучи кон власта и вели дека како пратеник и понатаму ќе делува независно во собранието. Децидна е дека вонредно собраниена партијата нема да има и уверува дека на чело на партијата ќе остане најмалку уште две години, до истекување на мандатот.