Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Западен Балкан на раскрсница: Наместо трошоци за гасоводи, инвестиции во обновливи извори на енергија

Земјите од Западен Балкан мора веднаш да се откажат од плановите за проширување на гасната инфраструктура и да ги насочат своите инвестиции кон обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, за да постигнат вистинска енергетска трансформација и да избегнат економски и еколошки ризици. Ова е заклучокот од вчерашната конференција „Европски и регионални перспективи за напуштање на фосилниот гас“, што се одржа во Скопје, а беше организирана од Центарот за истражувања и информирање за животна средина „Еко-свест“, со поддршка од Европската фондација за клима.

Главните заклучоци од конференцијата се дека наместо нови гасни проекти, регионот треба да го насочи фокусот кон модернизација на енергетската инфраструктура преку вложување во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Говорниците и учесниците предупредија дека долгорочната зависност од гас може да го забави процесот на декарбонизација и ќе ги пренасочи средствата потребни за енергетска трансформација кон стара технологија чие користење ќе биде краткорочно и неодржливо.

Во рамки на двата панели беа разгледани предизвиците на европскиот енергетски пазар и ризиците што ги носат плановите за гасификација во Западен Балкан.

На првата панел-дискусија насловена „Европските перспективи за напуштање на гасот“, Рафаел Aното, советник за политики во глобалниот тинк-тенк „Е3Г“, нагласи дека употребата на фосилен гас во Европа се намалува, истакнувајќи дека истата се очекува да се намали за 30 до 50 проценти до 2030 година. „Континуираната нестабилност на цените и трошоците за гасната мрежа ја потврдуваат аргументацијата дека фосилниот гас не треба да биде транзициско гориво“, нагласи Аното.

Елена Џеребица, истражувачка во организацијата „ReCommon“ од Италија, во рамки на панелот говореше за влијанието на гасните компании врз донесувачите на одлуки. Поради трендот на намалување на употребата на гасот, овие компании го промовираат водородот како гасот на иднината кој ќе се пренесува преку постоечката гасна инфраструктура за да го продолжат своето работење и профит од јавните фондови. Според Џеребица, целиот енергетски систем треба суштински да се промени и децентрализира со цел да стане правичен и демократски, а локалните заедници да бидат во контрола и да ги имаат главните придобивки.

Габор Хорват, истражувач во енергетскиот истражувачки центар РEKK од Унгарија, ги истакна ефектите од енергетската криза врз потрошувачката на гас во Унгарија. „Со драстично зголемување на цените на гасот, Унгарската Влада беше принудена да ги откаже субвенциите за гасот како гориво, со што сметките за енергија за домаќинствата се зголемија и до 9 пати. Токму тоа ги стимулираше граѓаните и компаниите да инвестират во енергетска ефикасност и штедење.“

На вториот панел насловен „Плановите за гасификација во Европа и Западен Балкан“, фокусот беше ставен на регионов, каде што неколку земји веќе имаат планови за нова гасна инфраструктура.

Петер Котек, истражувач во РEKK, го презентираше истражувањето за гасификацијата на Македонија, при што истакна дека целосната изградба на гасната мрежа во земјата би чинела меѓу 800 милиони и една милијарда евра, што, како што рече, е значителен трошок.

„Гасот како опција за греење не е конкурентен во споредба со другите решенија како што се топлинските пумпи, истовремено тој како енергенс не е ни потребен за домаќинствата“, изјави Котек.

Александру Мустаца, од меѓународната мрежа „Beyond Fossil Fuels“, ги предупреди земјите од регионот да не го заменуваат користењето на јаглен со фосилен гас.

„Иако Западен Балкан има само неколку гасни централи, повеќето земји од регионот имаат планови за изградба на нови капацитети. Наместо тоа, треба да се инвестира во безбедни сончеви и ветерни централи, кои се одржливи долгорочни решенија“, нагласи Мустаца.

Глигор Радечиќ, еколошки правник во меѓународната мрежа „CEE Bankwatch Network“, ги истакна ризиците од транзицијата кон гас во регионот. „Земјите од Западен Балкан се соочуваат со значителни енергетски предизвици и преминот кон гас носи ризици по енергетската безбедност и животната средина. Јавните финансиски институции како Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка треба да инвестираат во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“, поентираше Радечиќ.

На конференцијата јасно беа дефинирани чекорите што мора да ги преземат земјите од Западен Балкан за да ја избегнат стапицата на зависноста од гас и да обезбедат одржлива и стабилна енергетска иднина. Учесниците упатија повик до владите и инвеститорите да го забрзаат преминот кон обновливи извори на енергија за да не бидат заробени во технологија и енергенси кои се минато, во време кога Европа се движи кон постфосилна ера.

Зачлени се на нашиот е-билтен