Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Запалени дел од еврејските гробишта во Виена, нацртани и кукасти крстови

Непознати сторители синоќа запалиле предмети во еврејскиот дел на централните гробишта во Виена и притоа сликале антисемитски симболи, меѓу кои и кукасти крстови. Дел од салата за погребни церемонии беше изгорена, а на надворешните ѕидови беа насликани кукасти крстови, изјави Оскар Дојч, претседател на израелската културна заедница во Виена, по обиколката на гробиштата.

Според информациите од виенската противпожарна служба, во текот на ноќта изгорел дел од зградата, а пожарот бил изгаснат до доаѓањето на пожарникарите. Засега не се знае како сторителите влегле на гробиштата кои се затворени во ноќните часови, а поради сомневање за политичката заднина на делото во истрагата е вклучена и Покраинската канцеларија за заштита на уставниот поредок.

По избувнувањето на конфликтот во Израел, нивото на заштита од тероризам во Австрија е зголемено, а заштитата особено ги опфаќа објектите на еврејската заедница. И покрај тоа, бројот на антисемитски злосторства нагло се зголеми. Австриските политичари ги поддржаа мерките насочени кон заштита на Евреите во Австрија.

-Бројот на антисемитски напади во Австрија е значително зголемен. Ова мора да престане, изјави австрискиот претседател Александар фон дер Белен, реагирајќи на нападот на еврејските гробишта. Австрискиот канцелар Карл Нехамер остро го осуди синоќешниот напад и изрази надеж дека сторителите брзо ќе бидат пронајдени.

Дури и пред ескалацијата на конфликтот, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и израелската контраофанзива, израелската културна заедница забележа постојан пораст на нападите со антисемитско потекло. Минатата година во Австрија се забележани 719 инциденти со антисемитско потекло, што е втор најголем број од воведувањето на статистиката.

Зачлени се на нашиот е-билтен