Стотици бајкери, планинари, параглајдеристи, кампери и останати добри луѓе од утре ќе бидат во Крушево на десеттиот јубилеен фестивалот „Крушево низ корија“.
Градоначалникот на Крушево Томе Христовски денеса ја објави деталната програма на неколкудневниот фестивал на отворено.
Пристигнување на учесниците и формирање на кампот на Мечкин камен е предвидено во 10.00 часот, по што до 15.00 часот се предвидени тандем летови со параглајдер.
Потоа следуваат:
18.00ч – дегустација на SLOW FOOD производи
21.00ч – Концерт на The Dreamers во кампот на Мечкин камен
00.00ч заедничко пеење на химната и повечерје
НЕДЕЛА 18 август 2024г:
08.00ч – 09.00ч – пристигнување на учесниците
09.45ч – брифинг за учесниците на планинарската и велосипедската тура
10.15ч – старт на велосипедските тури (мала, средна, голема)
Малата МТБ тура Крушево низ корија започнува од кампот на Мечкин Камен, поминува покрај чешмата Гума и води до ски терените на Станич, од каде низ прекрасна шума се стигнува до излетничко место Кипрово каде што се прави кратка пауза. Од Кипрово низ прекрасен офроад терен и букова шума се вози кон споменикот на Слива на 1400 мнв и се спушта со интересен офроуд кон Македониумот во Крушево каде што завршува турата.
Турата е со должина од 15км и елевација од околу 300 метри…. категоризирана е како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност препорачлива за секој рекреативец.
Средната МТБ тура Крушево низ корија започнува од кампот на Мечкин Камен …поминува покрај чешмата Гума и води до ски терените на Станич, од каде низ прекрасна шума се стигнува до излетничко место Кипрово каде што се прави кратка пауза. Од Кипрово низ прекрасен офроад терен и букова шума се вози до манастирот на Тоше Проески „ Преображение„ кој се најдува на 1650 мнв каде што имаме повторно кратка пауза и освежување на учесниците на официјалниот пункт. Од манастирот низ преубав терен се продолжува кон споменикот на Слива и спуст кон Македониумот во Крушево каде што завршува турата.
Турата е со должина од 30 км и елевација од 700 метри… категоризирана како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.
Големата МТБ тура Крушево низ корија започнува од кампот на Мечкин Камен покрај чешмата Гума до ски терените на Станич и низ прекрасна шума се оди до излетничко место Кипрово каде што се прави кратка пауза. Од Кипрово низ прекрасен офроад терен и букова шума се вози до врвот Мусица на 1788 мнв. Со прекрасен спуст и едно кратко искачување се стига до манастирот на Тоше Проески „Преображение„ каде што имаме повторно кратка пауза и освежување на официјалниот пункт. Од манастирот повторно низ преубав терен се продолжува кон споменикот на Слива и спуст кон Македониумот во Крушево каде што завршува турата.
Турата е со должина од 40 км и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура 8/10 за лица со висока физичка подготвеност.
Планинарската тура ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км. Истата би ја класифицирале како средно тешка тура која може да ја изоди секој од 7 до 77 години. Во 80%од патеката се движиме низ крушевската корија која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетаи манастирот св. Спас (каде што ќе има подолга пауза и пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење.
Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости.
Сите што сакаат да бидат дел од овој дводневен фестивал на отворени потребно да имаат елементарна опрема: разгазени планинарски обувки, стапчиња за планинарење, капа за сонце, очила за сонце, крема со заштитен UV фактор.
Организаторите укажуваат на неколку многу важни препораки:
1.Секој учесник да ги почитува мерките од пропишаните протоколи за движење низ шума.
2.Секој пријавен рекреативен учесник е должен да потпише Изјава за самостојна одговорност .
3.Секој учесник на вело турите треба да има технички исправен планински велосипед.
4.За секој учесник на вело турите задолжително е носење на заштитна кацига.
5.Сите учесници настапуваат на сопствен ризик , односно организаторот не презема одговорност за постапките на учесниците со кој би се загрозиле себеси или другите учесници.
6.За малолетни лица потребно е придружба од родител-старател.
7.Напред возат лица со рефлектирачки елеци кои учесниците треба да ги следат.
8.Строго е забрането возење пред лицата што ја водат групата и напуштање на обележаната патека.