Запрена постапката за преземање на Стопанска банка Битола поради промена во рамките на „Алта Груп“

Комисијата за хартии од вредност ја запре постапката за преземање на „Стопанска банка“ АД Битола од страна на српската „Алта Груп“ поради промена на субјектот кој ќе биде преземач во рамките на истата групација.

Од банката соопштија дека и покрај запирањето на постапката, намерата за целосно преземање останува и не е откажана. „Во конкретниот случај, преземачот ја задржува својата намера за преземање на Стопанска банка а.д. Битола, но врши промена на преземачот во рамките на истата групација“, стои во соопштението.

Уште во мај годинава, „Алта Банка АД Белград“ ја објави својата намера да упати јавна понуда за купување на сите акции од битолската банка. Понудата изнесува 3.777 денари по акција, што е над просечната берзанска цена од 3.230 денари. Со вкупно 390.977 издадени акции, вредноста на целата трансакција би достигнала 24,01 милиони евра, доколку сите акционери ја прифатат.

Ова не е прв пат „Стопанска банка“ Битола да биде предмет на интерес за преземање. Минатата година „Комерцијална банка“ нудеше по 3.200 денари за акција, но мнозинските акционери не ја поддржаа таа понуда, која тогаш би изнесувала 20,34 милиони евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен