Миле Зечевиќ, генералниот секретар на СДСМ, истакна дека 8-ми март е посебен ден, меѓутоа, само како појдовна точка, а не како крајна дестинација.
-Ако крајот на 20-тиот век беше период на препознавање на моќта на жената, почетокот на 21-виот век е период на валоризација на таа моќ!
Денес, чекориме заедно да оддадеме почит на придонесот на жената во општеството. Од историски аспект, овој ден, е ден на сеќавање на група храбри жени кои маршираат на улиците барајќи подобри услови за работа, право на глас и право на општествен активизам. Овие хероини го отворија патот за идните генерации во секојдневната борба за правата на жените.
Затоа и во моето политичко, социјалдемократско кредо, верувам во основните вредности на еднаквост, правда и солидарност, рече Зечевиќ на осмомартовскиот марш во Прилеп.
Според него, тие вредности се во сржта на социјалдемократското движење и го формираат пристапот кон решавање на прашањата за родовата еднаквост.
-Секој поединец, без разлика на пол, раса или класа, треба да има можност да го достигне својот целосен потенцијал. Ние како социјалдемократи сме повикани да зборуваме за предизвиците, за родовата еднаквост, за родовото насилство, за положбата на жената; За обезбедувањето еднаков пристап до можностите и ресурсите како и мажите, со еднакво право на целосно учество во општествениот живот, во нивните заедници локално, централно, глобално. Жените дадоа, даваат и ќе даваат значителен придонес во секој аспект на општеството, од политиката и науката, до културата и уметноста. Во борбата за родова еднаквост, ние мора да ја препознаеме важноста од рушење на закржлавените, конзервативни стереотипи и општествени квази-норми кои го ограничуваат женскиот потенцијал. Ние, како социјалдемократи, се залагаме и ги промовираме политиките кои промовираат еднакви можности и на отворена сцена ги предизвикуваме родовите улоги кои го ограничуваат и го стеснуваат ангажман и изборот на жените, рече Зечевиќ.