Зеленски му се заблагодари на Трамп за „Џавелините“ и напорите за мир

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му одговори на Доналд Трамп по неговите обвинувања дека Киев покажува „нула благодарност“ за американската помош, нагласувајќи дека Украина е благодарна и на Соединетите Американски Држави и лично на американскиот претседател за поддршката во војната против руската агресија.

Во објава на Телеграм, Зеленски порача дека „Украина е благодарна на Соединетите Американски Држави, на секое американско срце, а особено на претседателот Трамп за помошта што, почнувајќи со ракетите ‘Џавелин’, спасува украински животи“. Со ова украинскиот лидер настојува да ја коригира сликата создадена по последните настапи на Трамп, кој го критикуваше Киев дека не покажува доволно признателност за американската воена и финансиска поддршка.

Зеленски ја искористи пораката и за да се заблагодари и на другите западни партнери – Европската унија, Групата 7 (Г-7) и Групата 20 (Г-20) – за, како што рече, континуираната помош и ангажман за мир. Нагласи дека ниту Украина, ниту нејзините сојузници не сакаат „безкрајна војна“, но дека мирот мора да биде изграден на начин што ќе ја гарантира безбедноста на украинската држава и ќе спречи повторување на агресијата.

„Затоа работиме толку внимателно на секоја точка, на секој чекор кон мирот. Сè мора да биде правилно осмислено за да можеме навистина да ја завршиме оваа војна и да спречиме таа да се случи повторно“, напиша Зеленски, испраќајќи сигнал и кон Вашингтон, и кон европските престолнини дека Киев внимателно ги анализира сите предлози што се на маса.

Оваа порака доаѓа во момент кога американската администрација се обидува да го турка контроверзниот мировен план за Украина, а дел од европските лидери и украински функционери предупредуваат дека не смеат да се прифатат решенија кои би значеле наградување на руската агресија. Зеленски во последните недели повеќепати изрази подготвеност да разговара за мир под „силно лидерство“ на САД, но јасно истакна дека секој договор мора да ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Со јавната благодарност до Трамп и до американската јавност, украинскиот претседател се обидува да ја намали тензијата создадена по вербалните судири со американскиот врв и да ја зачува клучната поддршка од Вашингтон – и во воена, и во дипломатска смисла. Истовремено, тој им испраќа порака на западните сојузници дека Украина е подготвена за интензивна работа на мировни формули, но не и по цена на нови опасни отстапки кои би ја оставиле земјата ранлива на идни напади.

Зачлени се на нашиот е-билтен