Зеленски: Унгарски дронови го нарушија воздушниот простор на Украина

Зеленски рече дека унгарски дронови го нарушиле воздушниот простор на Украина

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска соопшти дека извидувачки дронови, кои најверојатно ѝ припаѓаат на Унгарија, го нарушиле воздушниот простор на Украина долж границата. Ова е прв ваков пријавен инцидент.

Во изјава објавена на социјалната мрежа Икс, Зеленски рече дека украинските сили забележале упади на дронови над пограничните области и дека прелиминарните проценки сугерираат оти беспилотните летала „спроведувале извидување на индустрискиот потенцијал на пограничните области на Украина“.

„Наредив да се проверат сите достапни информации и да се достават итни извештаи за секој регистриран инцидент“, рече Зеленски.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ги отфрли забелешките на Зеленски, пишувајќи на Х: „Претседателот Зеленски го губи разумот поради неговата антиунгарска опсесија. Сега почнува да гледа работи што ги нема“.

На ова следуваше одговор од украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. „Почнуваме да гледаме многу работи, Петер, вклучувајќи го лицемерието и моралното деградирање на вашата влада, отворената и прикриената работа против Украина и остатокот од Европа, служејќи како послушник на Кремљ“, напиша Сибиха.

Зачлени се на нашиот е-билтен