Жена од Калифорнија успеа да го искористи ChatGPT и други алатки на вештачка интелигенција за да го поништи налогот за иселување и да избегне казни од десетици илјади долари.
Лин Вајт првично изгуби судски спор поради задоцнето плаќање на киријата, но потоа одлучи сама да се застапува на судот, користејќи ChatGPT и AI платформата Perplexity. Вештачката интелигенција ѝ помогна да ги идентификува процедурните пропусти на судијата, да состави одговори и да ја советува за следните чекори.
„Никогаш не би успеала без помошта на вештачката интелигенција“, изјави Вајт за NBC News.
Ова не е изолиран случај – според NBC, и други лица успеале да се застапуваат самите со помош на AI, како пример е и Стаси Денет од Ново Мексико која користела AI за да постигне нагодба за неплатен долг.
Сепак, експертите предупредуваат дека користењето на AI во правни процеси носи големи ризици. Алатките можат да создаваат неточни или измислени информации, што може да доведе до сериозни последици, како што се случило со друг корисник кој добил санкции за поднесоци со лажни цитати.
Сепак, лесната достапност на AI алатки доведе до пораст на бројот на луѓе кои се застапуваат сами, иако голем дел од професионалните правници предупредуваат дека тоа не ја заменува вистинската правна експертиза.
„Можам да разберам зошто некој без адвокат би се обидел да користи овие алатки, но адвокатите кои се потпираат на измислени аргументи тоа не смеат да го прават“, вели адвокатот Роберт Фројнд.
Овој случај ја покажува растечката улога на вештачката интелигенција во судските процеси и потенцијалот, но и опасностите од нејзиното користење во правниот систем.