Во Македонија сè уште нема жена која се потпишала како кинематограферка зад долгометражен филм. Овој податок предизвика изненадување и кај странските гости на фестивалот „Браќа Манаки“, кој годинава повторно ја отвори темата за родовата еднаквост во филмската индустрија, особено околу темата жени зад камерата.
„Дури пред два дена дознав дека во Македонија нема ниту една жена снимател. Бев навистина изненадена. Не можев да поверувам, бидејќи знам дека во Турција и Грција има барем една или две, а во Србија моја пријателка е кинематограферка. Навистина не очекував вакво нешто,“ изјави Рејчел Кларк, кинематограферка од Лондон.
Таа додава дека и нејзиниот пат не бил лесен:
„Најтешко беше да ја добијам првата шанса. Немаше многу жени кога јас почнував. Интересно е што најмногу поддршка добив од мажи од Австралија, Франција и Ирска – повеќе отколку од луѓето во мојата сопствена земја.“
Кларк истакнува дека во нејзината работа „најважен е човекот пред камерата, повеќе од совршената слика“. Таа често тргала светла или опрема ако сметала дека го одвлекуваат вниманието:
„Најважна е вистината пред камерата и создавањето простор во кој личноста ќе се чувствува удобно и отворено.“
Новинарката и филмска критичарка Ана Василевска потврдува дека жените во оваа професија во Македонија сè уште ги нема, но верува дека тоа наскоро ќе се промени:
„Имаме вистинска женска експанзија во филмот. Со успехот на режисерките и сценаристките во светот, верувам дека и кај нас ќе се охрабрат нови имиња. Многу ми е драго што фестивалот ‘Браќа Манаки’ активно отвора вакви дебати, а годинава уште повеќе што свечено беше отворен со филмот ‘Мајка’ на Теона Митевска.“
Според Василевска, фестивалот не е само празник на камерата и кинематографијата, туку и платформа за значајни општествени теми:
„Женската поддршка постои – со мали исклучоци – и таа е клучна за зголемување на женската сила во филмскиот свет.“
Иако Македонија сè уште ја чека својата прва жена зад камера на долгометражен филм, искуствата и примерите од светот будат надеж дека тоа ќе се случи наскоро.