Поранешниот пратеник и дипломат Андреј Жерновски тврди дека најнова анкета, спроведена по нарачка на премиерот Христијан Мицкоски од агенција блиска до ВМРО-ДПМНЕ, покажала драматичен пад од околу 130.000 гласа за партијата во однос на резултатите од пред една година. Според него, ваков пад е најголем забележан кај партија на власт во поновата македонска историја.
Во објава на социјалните мрежи, Жерновски наведува дека токму овие бројки стојат зад засилената политичка активност на премиерот, кој последниве денови води „кампања пред кампања“ иако изборниот период формално не е започнат. Тој забележува дека настапите на Мицкоски се одликуваат со чести ветувања и економски коментари, вклучително и тезата дека „цените растат затоа што се покачени платите“, која Жерновски ја вбројува во, како што вели, „ризница на бисери“ на македонски политичари.
Жерновски предупредува дека во наредниот период ќе следат уште поамбициозни ветувања и нови обвинувања кон опозицијата и меѓународната заедница, додека граѓаните се соочуваат со, како што вели, „невидено дивеење на цените“ за кое владата нема решение.