Живот со поглед од еден милион долари: семејството Стојановски и нивната приказна за слободата во Матка

Секоја преселба е приказна сама за себе, но малку се приказните што звучат толку спокојно и природно како онаа на Андријана и Бојан Стојановски. Нивниот дом е во Матка – место каде шумата шушка, реката Треска шепоти, а слободата е чувство, не поим. За нив, „домот не е место, туку чувство“.

Бојан е роден во Матка, вкоренет во историјата на ова подрачје со генерации наназад, додека Андријана стигнала тука по љубовта кон него – љубов што најпрво ја одвела до човекот, а потоа и до природата. Денес, со своите две дечиња, тие живеат приказна што многумина ја сонуваат: живот надвор од градскиот метеж, во чиста природна средина, со ритам кој го диктираат годишните времиња, а не сообраќајот.

„Слободата е да живееш во природа“ – Бојан

Бојан секогаш повторува дека најголемата придобивка од животот во Матка е слободата.
„Мојата слобода е природа,“ вели тој. „Живееме во чиста средина, дишеме чист воздух… И секое утро кога ги носам децата во град, чувствувам мала грижа на совест што влегувам во смог“, додава Андријана.

Нивното семејство потекнува од Матка стотици години наназад – од местото кое тие го нарекуваат Стара Матка, кај Св. Спас. Во минатото, куќите се преселувале од ридовите надолу, кон реката. Денес, Стојановски се еден од оние кои ја продолжуваат традицијата на живеење тука, со модерен дух, но со старински вредности.

Утро во Матка: кога изгрева сонцето, започнува денот

Во овој период од годината (зима), денот започнува во 06:00 часот – Андријана прва станува и го подготвува утринското кафе. Тоа не е обично кафе; тоа е ритуал, пауза пред денот, уживање во пејзажот за кој велат дека вреди „милион долари“.

Во лето, со многу повеќе работа околу нивните 200 насади со лешници, Бојан станува уште порано – во 04:30. По обработката на нивата, се враќа дома и ги чека моментите со семејството на терасата, пред природата да се разбуди целосно.

Андријана денот го продолжува со други обврски – децата, домот, градината. Таа прави и природни рачно изработени сапуни, а Бојан произведува путер од лешник. И двајцата моментално не се вработени во институции – „живееме од она што го создава природата,“ велат тие.

Децата кои растат во природа

Нивните две деца, на возраст од 7 и 5 години, живеат живот што е тешко да се објасни, а лесно да се завиди.
Летно време, буквално живеат на слобода: трчаат низ дворот, шетаат низ шумата, се бањаат во Треска и растат со чувство дека светот е голем, но животот е едноставен.

Семејство што секогаш има гости

Кога ја прашуваме Андријана дали често им доаѓаат гости – само се насмевнува.
„Порано имавме многу забави, многу дружења. Сега со децата е помирно, но луѓе секогаш има. И кога ќе дојдат – тешко заминуваат. Матка е тоа.“

Ова не е приказна само за живот во природа – ова е приказна за избор, за слобода, за создавање сопствен мир и за тоа како едно скопско семејство го нашло својот баланс со светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен