Живот во македонските села – ниту идиличен, ниту достоинствен

Од Firnein (Elena Markova) — Firnein (Elena Markova), CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=69239867

Животот во македонските села ниту е идиличен, ниту достоинствен. Тоа го потврдува и пописот во 2021 година, кој покажа дека меѓу двата пописни циклуси 420 населени места во Македонија изгубиле повеќе од половина од своето население.

Дел од причините за овој тренд може да ги најдеме преку примерите од две делчевски села – Ѕвегор и Разловци

Автори: Зоран Биковски* и Весна Коловска**               

„Фали село, живеј во град“ – една стара изрека е најдобра илустрација за животот во Ѕвегор и Разловци, некогаш големи села, со сокаци полни со млади  луѓе и деца. На заминувањето на календарското лето, во Ѕвегор ќе се памтат долгите денови без вода и тензичниот протест на на жителите на меѓународниот пат кон Бугарија кој минува низ селото. Жителите на Разловци, местото на славното Разловечко востание, се борат со уличниот мрак, денови со чести прекини на водоснабдувањето, додека детската градинка веќе шести месец е затворена. Жителите велат дека да се живее на село во вакви услови е мачно. 

Ѕвегор е четири години без редовно водоснабдување

Ѕвегор го делат само седум километри од Европската Унија, но животот во ова делчевско село е далеку од европски. Жителите од 2021 година чекаат да им се направи водоводот, кој требаше да го замени системот кој пред половина век со свои раце и пари го граделе селаните. Општина Делчево за водоводот за Ѕвегор обезбеди средства од големиот донаторски проект„Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ од 7,3 милиони швајцарски франци, но во овие четири години, колку што се градеше новиот систем, жителите живееја со повремено водноснабдување.

Ѕвегор

Тендерот што го распиша Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) го доби Бауер БГ, компанија која беше вмешаната во корупциски скандал во судскиот процес „Скопје 2014“. Кратко потоа, во 2022 година, оваа компанија која требаше да го гради водоводот,  заврши со блокирана сметка и судска привремена мерка  – забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот, со забрана за извршување на финансиски трансакции, привремено одземање на имот (беа одземени и машините за работа) и притвор за управителот на фирмата. Решението беше најдено со ангажирање на подизведувач, што пак многу го пролонгира рокот за изградбата на водоводот. Се потпишуваа неколку Анекси на договорот со кој се продолжуваше и времето за изведба, за што сведочи документацијата во Системот за јавни набавки.

Според официјалните податоци, за овие четири години за водоводот во Ѕвегор се потрошени 37.953.047 денари. Постоечката мрежа за водоснабдување целосно е заменета со нова. За да се подобри водоснабдувањето во Ѕвегор, на локацијата на стариот резервоар изграден е нов со капацитет од 150 метри кубни и должина на мрежата од 2,7 километри. Земенети се старите азбестни цевки со нови полиетиленски. 

За тоа време, луѓето од селото живееја со постојани прекини на водата и со недоволната издашност на стариот водовод. Во март 2025 година беше објавен крај на градежните работи, но вода немаше. Бил направен обид за технички прием, но се утврдени недостатоци и е побарано изведувачот да ги отстрани. Дури по протестот на жителите на 22 јули, кога го прекинаа сообраќајот кон Бугарија, се направи проба и се констатира дека поради технички пропуст водата од новиот водовод не може да потече. Главната цевка, наместо во селото, завршувала во реката. Конечно, на 18 август, водоводот беше примопредаден и ставен во функција.

Побаравме одговор од МЖСПП зошто толку се задоцни и која е натамошната процедура.

„Застој имаше од повеќе причини, меѓу кои доцнење од страна на изведувачот на работите, одредени недостатоци во проектната документација, несовпаѓање на подземната инфраструктура со постоечката документација (подземен катастар), прекинување на финансирањето на надзорниот орган од страна на Швајцарската Влада и спроведување на постапка за јавна набавка за продолжување на Договорот за надзор, потребно време повеќе од очекуваното за добивање соодветни дозволи за работа покрај патот кој води кон граничниот премин, како и одредено негодување од страна на месното население.  На ден 27.03.2025 година извршен е технички преглед од страна на надзорниот орган со констатација дека градбата може да се стави во употреба“, одговорија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски рече дека се очекува новата водоводна мрежа да биде предадена во владение на Јавното комунално претпријатие Брегалница.

„Жителите на Ѕвегор и Габрово ќе треба да поднесат барање до претпријатието за приклучување на новиот систем за водоснабдување“, соопшти Трајковски, без да даде детали околу цената, процесот на приклучување и други технички информации, кои ги очекуваат жителите на Ѕвегор. За одговор на нашите прашања бевме упатени на официјалното општинско соопштение.

Некои протестираат, некои се иселуваат

Александар Гоцевски, жител на Ѕвегор, ни рече дека ѕвегорци сакаат да знаат како ќе се приклучуваат до шахтите и што ќе биде обврска на жителите, а што на јавното претпријатие. Вели дека никој не ја кажува цената на водата. Проблем, според него е периферијата на селото, каде куќите се значајно подалеку од приклучокот до водоводната мрежа.

„Ние што плативме, од претходно знаеме дека приклучокот и водомерот ќе чинат 200 евра. Половина од жителите веќе имаат платено, но другата половина го проблематизира приклучувањето. Сметаат дека  имаат водовод граден од нивните татковци и дедовци, кои копале со свои раце да донесат вода во селото. Некои сметаат дека водоводот треба да е сопственост на селаните, па дури некои во изјавите за време на трите протести најавуваа организирање на референдум со барање за враќање на водоводот во владение на жителите“, ни изјави Гоцевски.

Дарко Димитров, кој го организирал првиот протест лани, смета дека референдумот е решение само доколку деновиве не добијат целосно функционален водовод, со што агонијата со немањето на вода ќе продолжи.

„Има иницијатива меѓу жителите, преку Народниот правобранител да побараме заштита на нашето право на обезбедување на вода за пиење. Најблиску сме до таа идеја и луѓето се подготвени да го дадат својот потпис со барање да нѐ заштитат. Има институции кои треба да ги тераат работите. Не се мешаме во парите, не зборуваме дали и кој украл пари, ние бараме вода за пиење“, вели Димитровски.

И Гоцевски и Димитров сведочат дека жителите имале и преголемо трпение, бидејќи без вода не се живее еден ден на плус 40 степени, а не пак четири години, колку што трае нивната голгота. Лани организирале два протести со блокирање на меѓународниот пат кон Бугарија, а оваа година повторно, пет месеци откако властите објавија дека водоводот технички е завршен. Само што, сведочат жителите, вода во чешмите не беше пуштена.

„Властите имаат среќа што селото е иселено и малку млади луѓе останаа во селото кои можат и сакаат да реагираат. Останаа многу малку млади семејства, меѓу кои и моето, кои одлучија да живеат овде. Но, во вакви услови не се живее. Не може да се вклучат машини, со денови нема вода. Селото е опкружено со вода, имаме вода за три села, ама пак немаме во куќите. Има и многу несовесни луѓе, кои садат пченка, градини со декари и ја користат водата за наводнување, додека делови од селото немаат ни за пиење. Водомерите веројатно ќе го решат ова, кога ќе треба да се плати потрошеното“, изјави Гоцевски.

Изградба на водоснабдителен систем во село Габрово и село Ѕвегор

Вкупната вредност на проектот за изградба на водоводниот систем изнесува 65.938.682,00 денари. Во рамките на проектот влегуваат и изградбата на фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија, изградба на прекидна комора на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, реконструкција на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и реконструкција на бунарите во Делчево и с. Тработивиште. Најголемиот дел од средствата – 6 милиони швајцарски франци се донација од швајцарската влада. 1, 3 милиони швајцарски франци е инвестиција од македонската влада, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а 30.000 швајцарски франци е учество на Општина Делчево.

На иницијативата дел од семејствата да добијат субвенции за потрошената вода, Гоцевски вели дека сите се работоспособни и може да работат за обезбедат средства.

Од општината ја споделија информацијата дека понатаму, по преземањето на водоводот, ќе почне процесот на склучување на договори со жителите на селото, додека ЈКП Брегалница ќе го одржува и контролира системот, ќе отстранува дефекти и ќе наплаќа.

Жителите со кои разговаравме велат дека и покрај добрите намери, четири години без вода ќе ги принуди да си заминат и најголемите вљубеници во селото. Особено што водата не е единствениот проблем.

Селото има асфалтен пат, по кој родителите секој ден ги носат децата во градинка во Делчево, бидејќи во селото нема каде да ги згрижат. Поради тоа поголемиот дел млади семејства се иселија, па сега во некогаш полното селско училиште учат само седум деца во комбинирани паралелки. Деновиве се очекува да се донесе одлука дали селското училиште ќе биде затворено со најавената оптимизација на образовната мрежа. Има две продавници, додека за услуги од амбуланта, пошта и банка се оди во Делчево.

Селаните жалат што уникатниот селски дом  е уништен. Бил продаден далеку под цена на некој иселеник во Франција, кој иако најавил дека ќе го користи за економска активност, никогаш не го ставил во функција. Велосипедската патека, за која општината платила околу 100.000 евра, е изградена и руинирана од компанијата која го добила тендерот и ја изградила патеката. Сега оваа компанија ја користи патеката како пат по кој камионите носат земја од ископот во близина.

Разловци – село на востание и затворена градинка

Селото познато по првото македонско востание се наоѓа во зелен планински предел кој нуди можност за органско земјоделство, сточарство и развој на дрвната индустрија, нуди можности за планинарење, велосипедизам и развој на планински туризам со богата историска понуда. Но, статистиката е неумолива. Од некогашни 1.344 жители во 1953 година, на последниот попис се попишани само 461 жител.

Разловци

Селото познато по првото македонско востание се наоѓа во зелен планински предел кој нуди можност за органско земјоделство, сточарство и развој на дрвната индустрија, нуди можности за планинарење, велосипедизам и развој на планински туризам со богата историска понуда. Но, статистиката е неумолива. Од некогашни 1.344 жители во 1953 година, на последниот попис се попишани само 461 жител.

Жителите на Разловци имаат асфалтен пат до селото и селски водовод кој е со недоволна количина да ги задоволи потребите на жителите. Имаат Спомен дом на Разловечкото востание, кој се реконструира и би требало да биде завршен до следната година, кога се обележуваат 150 години од востанието. Во Разловци, иако е најголемото населено место на територијата на Општина Делчево, нема амбуланта, нема банка, ниту пошта, туку за сите потреби мора да се оди во градот. 

Во селското подрачно училиште Климент Охридски учат 40 ученици од прво до деветто одделение. Градинката отворена пред четири години сега е затворена. Таа во 2020 година беше најавувана како прва градинка во рурална средина. Подрачното училиште Климент Охридски отстапи две училници, кои беа адаптирани во занимална и чајна кујна за топол оброк за децата, наменети за целодневен престој. Од мај 2021 година до пред 6 месеци, во различен период, престојуваа до 15 деца, за по речиси четири години просториите да се затворат. Вработените преминаа во градинката во Делчево. Официјално, повеќе нема интерес од родителите да ги носат децата во градинка. Со тоа градинката во Разловци стана една тажна приказна од животот на разловчани и руралниот живот во регионот.

„Да ги задржиме тие луѓе што останаа во селото“

Жителите се пожалија дека повеќе од 3 месеци поголем дел од улиците се неосветлени. По селото шетаат кучиња кои претставуваат сериозна закана за жените и децата. Проблем е и што нема локален превоз до Делчево, за да можат жителите да ги остваруваат своите права и потреби. Проблем се недоволните количини вода од селскиот водовод. Поради тоа, во системот немаат доволно притисок, па жителите многу често остануваат без вода за пиење, за хигиенски потреби и за домаќинство.

„Одамна се иселија младите од село Разловци. Нема работа за мажите, обично одат на сеча на дрва или работат во Делчево. Немаме превоз до градот, проблем ни е водата и полека, полека луѓето се иселуваат. Еве реално, која девојка ќе се омажи од град да дојде во Разловци кога ќе знае дека не може да вклучи бојлер, машина за перење или за садови? А иселувањето направи и да нема ни деца. Градинката проработи еден период па се затвори“, ни изјави Васка, жителка на Разловци.

Неодамна, при изнесувањето на приоритетите нотирани од организацијата Жена од Делчево, жителите на Разловци побараа да има редовни полициски патроли, за да се чувствуваат безбедни. Се надеваат и на повеќедецениското ветување дека ќе се направи патот кон село Митрашинци, со што ќе се намали оддалеченоста кога се патува за Скопје за повеќе од 25 километри.

„Убаво е да го пробијат патот за село Митрашинци. Сега армијата го проширува и расчистува, ама барем и тампон да стават. Тогаш ќе биде поблиску и Скопје, ќе се крати за повеќе од 45 минути, ем и од Митрашинци, па и од Берово ќе дојдат да работат во текстилната фабрика, ќе има трговија, ќе се отвори некоја кафеанка. Убаво е и Домот да се реновира. Народот што се исели – се исели, туку да може да ги задржиме тие луѓе што останаа во селото. Инаку, проблемот со водата е повеќе од сериозен. Да, најважна е безбедноста, добро е да има и полициска патрола, а светилките тие што се одговорни редовно треба и да си ги одржуваат. Сепак бунарските системи на кои сме поврзани не успеваат да ги задоволат потребите на граѓаните, поради сушите. Ние вода за пиење ќе си купиме, но ни треба за домаќинските потреби. Наш предлог е некако да се поврземе на браната Лошана“, вели Ванчо Спасовски од Разловци.

Со помош на припадниците на АРМ во јуни започна изградбата на патот Разловци – Митрашинци во должина до 9 километри. Најавено е проширување, чистење и тампонирање на патот, кој е во лоша состојба и по него може да се движат само планински возила и механизација. Асфалтирање не е најавено во оваа фаза.

Младите имаат желба за миграција

Во документот „Студија за млади Северна Македонија“ (Фридрих Еберт, 2024) се изнесува податок дека 68% од младите имаат желба да мигрираат надвор од земјата. Младите одговориле дека најзначајните причини поради кои би заминале во странство се подобрување на животниот стандард (30%), повисока плата (14%), корупција и клиентелизам во нивната татковина (13%), подобри можности за вработување (10%) и општествена и политичка стабилност во земјата каде што сакаат да се преселат (8%) Како најголеми потенцијални проблеми за државата во наредната декада, младите ги посочуваат следните: корупцијата (63,2 %), напуштањето на државата од страна на квалификуваната работна сила (55,3 %), квалитетот на јавните услуги (здравје, образование) (51,4 %), невработеноста (51,2%). Состојби и појави кои кај младите предизвикуваат најголеми лични стравови и грижи се: слабиот здравствен систем, загадувањето и климатските промени, немањето работа, немањето пристојна пензија, сериозна болест.

Жителите на Разловци подготвија барање со петиција до Општина Делчево да се сменат светилките. Од општината стигна одговор дека по враќањето од одмор на одговорниот вработен, ова барање ќе биде приоритетно решено. Во меѓувреме, вработениот се вратил од одмор, но очигледно барањето сѐ уште не добило приоритет за решавање.

Според Кристина Мулачка, млада девојка од Разловци, за да се развие селото мора да се создадат услови за достоинствен живот.

„Ако вие немате пристап и квалитет на живот, логично е дека е подобро едно семејство да оди да живее под кирија во градот отколку да се лиши од квалитет на живот. Потребна е и безбедност, но и пристап до сите хумани добра, превоз за луѓето, да има градинка, да има разонода и пред сѐ да има и достоинствени плати. Секако дека е потребна информираност и за сѐ што нуди државата, мерки за вработување, поволност за младите, едноставно да се создаде амбиент за живеење и достоинствени услови за домување“, кажа Мулачка.

„Голем процент од основните потреби на селата се задоволени“

Во општинската „Стратегија за локален економски развој на Делчево 2019-2024“, развојот на селото се гледа низ перспектива на, како што пишува, „транзитниот, планинскиот, руралниот и алтернативниот туризам“. Сепак, документот забележува на недостатоците во делчевските села, кои ги припишува на глобалните трендови, но и на локални влијанија. Меѓу тие недостатоци, документот ги набројува: лошата патна и комунална инфраструктура, депопулацијата на руралните средини како во насока село-град така и поради економско социјални причини и тренд на интензивна економска миграција од земјите на Југозападен Балкан кон развиените земји членки на Европска унија, незадоволителна состојба на објектите во кои се реализира образованието на децата, незадоволителна состојба на објектите во кои се даваат здравствени услуги“.

Тони Стоименовски од Секторот за Локален економски развој од Делчево смета дека голем процент од основните потреби на селата се задоволени, иако имаат барања што не се во општинска надлежност.

„Задоволени се 90% од инфраструктурните потреби, како патишта, осветлување, водоснабдување. Остануваат уште 3-4 села без канализација, а сега се работи на канализација за село Стамер. Проблем се селата од разбиен тип, каде поради оддалеченоста на куќите не е можно да се изгради канализацијата.  Но и тие се адресирани, како што е изградбата на регионален пат Митрашнци – Разловци и реконструкција на Спомен домот во Разловци. Жителите бараат и мост на реката Брегалница што некогаш постоел. Натамошниот локален развој на руралните средини го базираме на културното наследство, како што е пример со Стамер. Во Стратегијата за ЛЕР селата се во делот за културно наследство и основна инфраструктура“, објаснува Стоименовски.

По локалните избори во октомври се најавува работа на нова Стратегија за ЛЕР за 2026-2030 година. Ставовите и предлозите ќе се собираат на форум, што се очекува да се одржи наесен, како и на настани каде се собираат приоритетите на жителите.

„Има интерес за учество на настаните каде се собираат приоритетите, иако забелешка е дека сопствените, лични потреби ги ставаат пред заедничките и настојуваат да дојдат до пат до нивата, осветлување и сл. Кога жителите имаат подобра инфраструкура и патишта, тогаш и комуникацијата со градот е подобра и одлучуваат да останат во селото“, додава Стоименовски.  

Внатрешната миграција не е во фокусот на централната власт

Показателите на терен се неумоливи, што се потврди и со Пописот од 2021 година. Од споредбата на пописните податоци, меѓу двата пописа од 2002 до 2021 година, бројот на младо население на возраст од 15 до 29 години во Општина Делчево, каде припаѓаат двете села Ѕвегор и Разловци, се намалил за 66%, односно од 4.102 млади во 2002 година на 1.992 во 2021 година. Разловци со Пописот во 2021 година има 461 жител, кои живеат во 206 домаќинства, а 72 жители се од групата од 0-19 години.  Ѕвегор има 685 жители и 255 домаќинства.

Делчево е на шесто место во Македонија по изгубено младо население. Во групата од 10 македонски општини со најголем процент на иселено младо население од Источниот регион се дури пет општини. На четвртото место е Зрновци со 56,3%, Виница на петото место со 51,5%, на шесто Делчево со 51,4%, следат Пехчево (9 место) со 48% и Чешиново – Облешево (10 место) со 47,9%.

Податоците за внатрешната миграција по региони покажува дека сите плански региони се во минус со намалување на бројот на населени,  додека драстично се зголемува бројот на населението во Скопскиот регион, кој е единствениот со прираст. 

Централната власт со најавените мерки ја таргетира миграцијата во странство, додека внатрешната миграција е во втор план.

„Во моментов ги анализираме буџетските можности што ги имаме, владината програма е за четири години, а во делот на демографските политики има два фундаментални елементи, а тоа е намалување на иселувањето и да се зголеми фертилитетот“, изјави  Владимир Ѓорчев, национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси.

Според поновите статистички податоци, во Источниот регион продолжуваат негативните трендови. Во 2022 година се отселиле 614 лица, од кои од село во град заминале да живеат 301 жител, додека имало и обратно движење, 117 граѓани се преселиле од град во село.

Во 2024 година од Источниот регион се иселиле 642 жители од местото на живеење – од град во село заминале да живеат 115, од село во град 320, имало 118 меѓуградски преселби и 89 меѓуселски преселби.

Парична помош за живот на село?

Како едно од решенијата за задржување на младите во државата, е враќањето на младите брачни двојки на село. Во Предлог измените на Законот за земјоделство и рурален развој, меѓу другите мерки се предвидува парична помош за за младите брачни парови до 40 години за враќање во родните села. Поддршката до 100.000 евра е за инвестирање во изградба или реконструкција на објекти, купување земјоделска механизација, земјоделско земјиште и набавка на добиток.

Квалитетот на живот е најголемата причина за миграцијата село – град.
Марина Тошеска, авторка на публикацијата „Животот во нашите села – предизвици и можности“ пишува дека согласно анализите и податоците на релевантните институции, една петтина од руралното население или 24,2% живее под стапката на ризик од сиромаштија во 2017 година, а се проценува дека денес стапката на сиромаштија е повисока, како резултат на пандемијата со КОВИД 19 и економските предизвици. Според анализата на Тошеска, недостигот на вода особено е предизвик за домаќинствата кои живеат во сиромаштија и кои често немаат пристап до вода и/или употребуваат вода со послаб квалитет, што дополнително може да предвика и здравствени проблеми кај нив и поширокото население. „Од здравствени установи, 22% од населените места имаат амбуланта и аптека, но здравствените домови и стоматолошки амбуланти се наоѓаат во локални центри или во блиските градови. Мнозинството од испитаниците (74%) посетуваат лекар по потреба, откако ќе се појават здравствени проблеми“, пишува во публикацијата на Тошеска. Во однос на младите луѓе кои биле консултирани за потребите на оваа студија, авторката ги наброила следниве проблеми со кои тие најмногу се соочени: сиромаштија, мали можности за вработување, недоволно вреднуван и неисплатлив земјоделски труд, недостиг на вода и канализациона мрежа, лоша патна инфраструктура, мали можности за професионално усовршување, минимални или речиси непостоечки можности за вработување на лица со високо образование, непостоење на градинки, непостоење на амбуланти за примарна здравствена заштита, недостиг на културни настани, тешкотии поврзани со работата на село, немање доволно време за одмор и за себе, изолираност.

„Финансиската поддршка изнесува 80 отсто од вредноста на прифатливи и направени трошоци, најмногу до 6.000.000 денари по брачен пар. Периодот на користење на поддршката е проектен циклус во траење од три последователни години“, пишува во Членот 138 во Предлог-законот, под услов младите да останат на село и да се занимаваат со земјоделство во следните 10 години. Во спротивно ќе треба да ги вратат сите пари.

Предлог законот ја помина фазата на јавна расправа, утврден е од Владата, но како што одоворија од прес службата на Собранието на РСМ, законското решение сѐ уште не е доставено во собраниска процедура.

Доколку се изгласа ваква мерка, постои надеж дека и во Македонија ќе се реализира една позитивна политика, слична на онаа која изминативе години се спроведува во Србија, каде преку програма за субвенционирање на купување селски куќи и домаќинства преку Министерството за грижа за селото. Досега, на околу 17.000 луѓе им е обезбеден покрив над главата на овој начин, а 3.820 куќи добиле нови станари.

Програмата се дел од Националната програма за заживување на српските села, при што се даваат државни пари за купување на куќа со градина, која мора да има електрична енергија, вода, канализација или септичка јама и пристап до пат, да биде регистрирана во катастарот на недвижности и да ги има сите потребни дозволи и решени имотно-правни односи. Во исто време, куќата мора да се наоѓа во село каде што има еден од објектите на јавна услуга или услуги (здравствена амбуланта, пошта, училиште, транспортна станица или еден од споменатите објекти постои во соседните села) и да не се наоѓа во приградска населба или во центарот на општината. Пазарната вредност на куќата ја проценуваат надлежните органи на локалната администрација, даночната служба и службата за геодетски работи, каде што нејзината максимална вредност може да биде 1,2 милиони динари (10.000 евра), што е максималниот износ на субвенции што ги доделува државата. Парите се наменети исклучиво за купување на куќата, но не и за нејзино реновирање и дополнителни трошоци.

Дури и целосно да се преслика овој успешен проект од соседството, се чини, ќе се наиде на првата пречка – да се најде село кое целосно ги задоволова инфраструктурните ислови. Во таа група речиси сигурно нема да припаѓаат Разловци и Ѕвегор.

* Зоран Биковски е граѓански активист во Организација Жена Делчево.

**  Весна Коловска е новинарка    

Анализата е преземена од Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен