Жолт хидро аларм: реките пред излевање, ризик од поплави

Фото:УХМР

Поголемиот дел од Македонија е ставен во жолта фаза на хидро аларм, откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување за потенцијално зголемување на водостојот и можно локално излевање на реките за периодот од 26 до 27 јануари 2026 година.

Според мапата на хидро алармот, најизразен ризик е означен во централните и источните делови, каде што под „жолто“ се сливовите на Вардар (средно и долно течение), Брегалница, Пчиња, Крива Река, Струмица и Црна Река. Во зоната на внимателност се вбројуваат и поголеми урбани средини како Велес, Штип, Куманово, Прилеп и Битола, што дополнително ја нагласува потребата состојбата да се следи во реално време на терен.

За разлика од истокот и центарот, западниот дел од земјата, според истиот преглед, во овој момент е во зелена фаза, без најавена опасност од излевање за региони како Тетово, Гостивар, Дебар и Струга. Но искуството од зимските врнежи покажува дека локалните водотеци и суводолиците можат брзо да се наполнат, па внимателноста останува важна и таму каде што картата не сигнализира ризик.

УХМР во меѓувреме соопшти и за зголемени водостоји кај повеќе реки во земјата. Во пораст е Вардар, особено кај Јегуновце, Велес и Демир Капија, а раст е регистриран и кај Треска кај Македонски Брод, Пчиња кај Катлановска Бања, Црна Река кај Новаци и Црн Дрим кај Ложани. Истовремено, кај Сатеска кај Ботун, Брегалница кај Штип и Бабуна кај Богомила има минимално намалување, додека нивото на Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро е стабилно и во рамки на јануарскиот просек.

Жолтата фаза значи „потенцијално опасна“ состојба и сигнал за претпазливост, особено за граѓаните кои живеат или се движат покрај речни корита, мостови, канали и места каде водата традиционално излегува од коритото по пообилни врнежи. Надлежните апелираат на будно следење на водостоите и внимателно планирање активности во близина на реките во деновите на предупредувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен