Жолт метеоаларм за речиси цела земја: Силен ветер, обилен дожд и снег, температурите во пад

Фото:УХМР

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде жолт метеоаларм за силен ветер и обилни врнежи од дожд во речиси целата држава, предупредувајќи на нестабилни и потенцијално опасни временски услови во наредните денови.

Според УХМР, поради продор на постуден воздух од север и засилен северен ветер, утре врнежите од дожд ќе преминуваат во снег на повисоките места, но и во дел од пониските предели. На планините во западните делови од Македонија се очекува формирање нова снежна покривка, додека послаба снежна покривка е можна и во некои котлини и рамничарски подрачја.

Температурите ќе бидат во опаѓање. Најстудено утре ќе биде во Маврово, каде утринската температура ќе се спушти до минус 2 степени, додека најтопло ќе биде во југоисточниот дел од земјата – во Гевгелија, со максимална дневна температура до 10 степени.

Паралелно со метеоалармот, од Секторот за хидрологија при УХМР веќе предупредија на зголемен водостој на реките низ земјата. Поради обилните врнежи, висок водостој е регистриран на реките Вардар (особено во горниот тек), Радика, Треска, Сатеска, како и на повеќе нивни притоки. Забележана е брза реакција на врнежите, особено кај помалите реки и суводолници во западниот дел од државата, што отвора ризик од локални излевања.

Во источниот дел од Македонија, зголемен водостој е евидентиран и на реката Струмица, како и во горниот дел од сливот на Брегалница. Надлежните предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и во текот на ноќта, поради што водостојот во одредени сливни подрачја може да остане висок, со услови за локални поплави, излевања од каналската мрежа и појава на одрони и свлечишта.

Под влијание на циклонска активност, и во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Во западните планински региони повторно се очекува нова снежна покривка. Во петок се најавува краткотрајно стабилизирање на времето, но за време на викендот, особено во сабота, повторно се можни локални врнежи од дожд и снег, кои на места може да бидат пообилни.

УХМР потсетува дека системот за метеопредупредување во Европа користи три нивоа на аларм – жолт, портокалов и црвен. Жолтиот аларм означува умерена опасност и можност за локални последици, портокаловиот укажува на голема опасност, додека црвениот аларм предупредува на екстремни временски појави со потенцијално катастрофални последици по луѓето, имотот и животната средина.

Алармите се издаваат за различни временски појави, меѓу кои силен ветер, обилен дожд, снег, мраз, екстремни температури, грмотевици, поплави, лавини и други ризици.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење покрај речни корита и суводолници, како и да ги следат најновите информации и препораки од УХМР.

Зачлени се на нашиот е-билтен